X
 14.02.2021 Култура

Неверојатна кула направена од 8.000 книги во библиотека во Прага овозможува да се „изгубите“ во неа

Во книгите се губиме, во книгите се наоѓаме. Тоа е она што љубителите на книгата сакаат да го кажуваат, а за оние што не ја имаат посетено оваа градска библиотека или не знаат за неа, еве совршена можност да се изгубат и да се најдат во илјадници книги - буквално. Одиме во Прага.

Во самиот центар на Прага се наоѓа градска библиотека која, покрај богатата понуда на литература и привлечен ентериер, содржи и нешто друго што ги привлекува посетителите и љубителите на книгата - кула од книги.


Кулата е уметничка инсталација наречена „Идиом“ што во 1998 година ја дизајнирал уметникот Матеј Крен. Составена е од 8.000 книги и се чини дека на кулата ѝ нема крај. Овој ефект се должи на огледалата поставени на подот и отстрана. Кулата има цилиндрична форма и однатре изгледа како да се протега до бесконечност.

Целта на уметникот била симболично да се прикажат бесконечните можности и приказни што лежат меѓу кориците, како и нивното влијание врз читателите низ светот. Медиумите ја опишуваат кулата како „кошмар претворен во убав сон“ бидејќи станува збор за огромен број книги што би сакале да ги поседуваме, но ако извадиме една од нив, ќе се сруши целата кула.


Исто така, во кулата има дупка низ која можете да ја вовлечете главата и да направите селфи, односно фотографија на која ќе изгледа како да сте изгубени во светот и лавиринтот на книгите.


Матеј е уметник роден во Словачка, но вели дека е еднакво и Чех и Словак. Неговите дела имаат освоено многу награди низ светот, од Шпанија до Јапонија.

Играјќи си повторно со книгите како мотив, тој направил слична инсталација во галерија во Братислава, а делото го нарекол „Премин“. Ако прошетате низ него, ќе имате чувство како да шетате низ редови книги што немаат крај.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура