X
 15.10.2023 Живот

Кула за тестирање лифтови претставува туристичка атракција во Германија

Кула изградена за тестирање лифтови претставува вистинска туристичка атракција во Германија поради погледот од врвот.

Кула во Германија им овозможува на посетителите да уживаат во погледот од платформа на височина од 232 метри. Станува збор за највисока платформа во земјата, а при добри временски услови од неа може да ги видите Алпите на југ, а Штутгарт на север.


Фото: Facebook

Кулата е висока 246 метри, а се наоѓа во Ротвајл. Таа била отворена за посета во 2017 година. Својот посебен изглед го должи на спиралниот дизајн и материјалот од стаклени влакна (фиберглас) со кој е обложена. Но, главната улога на кулата не е туристичката промоција на областа. „Тисенкруп“, германски производител на брзи лифтови, ја изгради кулата за да тестира нови технологии, како што се лифтови без кабел кои работат на принципот на магнети и можат да се движат хоризонтално и вертикално со брзина од 5 метри во секунда.

Ваквите лифтови ќе им овозможат на архитектите поголема слобода во дизајнирањето згради со необични форми. Додека традиционалните лифтови имаат ограничувања во висината, лифтовите без жица немаат такви проблеми, а исто така овозможуваат повеќе кабини во еден систем, што би можело да овозможи до 40 отсто повеќе употреблив простор во високите згради. Кулата во Ротвајл има 26 ката и 11 прегради за тестирање лифтови.

Посетителите може да се качат до врвот со лифт кој се движи со брзина од 8 метри во секунда. Во кулата има и просторија од 160 квадратни метри која може да се изнајмува за различни настани, како и сала за презентации каде што е објаснета технологијата на модерните лифтови.


Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Facebook
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот