X
 16.10.2017 Живот

Тоше: „Најсреќен бев кога на татко ми му купив автомобил“

tose


За богатството

„За мене е незамисливо некој што може да им даде нешто на оние што имаат малку или немаат ништо, да ги затвори очите и да не подаде рака“.

„Научив да се однесувам како некои луѓе што ми помогнаа додека моето семејство беше сиромашно. Се трудам на сите блиски да им помогнам колку што можам, дури и на оние што не ми се ништо. Затоа и сум амбасадор на УНИЦЕФ. Супер живеам, како и претходно, а и не ми треба повеќе. Најсреќен бев кога на татко ми му купив автомобил. Дојдов од турнеја и не си купив себеси, а него му купив!“

За пријателите и „пријателите“

„Кариерата многу ми помогна во препознавањето на лажните и вистинските пријатели. Оние што ми беа вистински пријатели останаа покрај мене и кога не ми беше најдобро во животот и кариерата, а во тој момент оние другите периодично исчезнаа, но не знаеја дека тој период ќе биде пократок отколку што беа тие“.

За славата


„Целиот мој живот не е кариерата, туку контактот со луѓето и можноста со нив да разменувам енергија. Сакам на сите околу себе позитивно да влијаам, тоа е мојата мисија“.

„Никогаш себеси нема да си кажам: ’Секоја чест‘. Работам нешто што го сакам, но никогаш се воодушевувам од самиот себе. Честопати си пронаоѓам маани, но тоа е дел од мојата работа. Не се идеализирам себеси, ниту кој било друг пејач. Моите колеги можам само да ги ценам. Единствен идол ми е Бог, а сите останати луѓе подобро или полошо ја работат својата работа“.

„Ѕвездите не постојат, освен оние на небото. Јас само си ја работам работата“.

За жените

„Секоја, секоја жена на овој свет заслужува барем во очите на еден маж, во еден момент, во една секунда, па макар само еднаш во животот, да се почувствува најпосакувана жена во светот и ако целиот живот ми помине во тоа, ќе знам дека не го потрошив залудно“.

„За мене, најголема жена во светот е мојата мајка. Што да кажам, а да не звучи излишно и кои зборови да ги искористам, а да не бидат премногу? Се сеќавам на неа и ако не можам да скокнам до Крушево да ја видам, ме преплавува мостот на љубовта. Мајка ми ме научи да почитувам, сакам, да им верувам на луѓето. Ме вооружи со љубов. Доменика има поглед кој во себе има толку топлина, па луѓето во нејзина близина како по правило зборуваат тивко. Посветена му е на семејството и има многу разбирање за ситните човечки глупости“.

За Бог

„Верувам во Бога и единствено нему можам да му се заблагодарам за дарот што го имам, бидејќи ова што го работам го сметам за мисија што тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета“.

„Исус бил распнат на крст поради луѓето. Нему блиски луѓе. И денес добрите и успешните луѓе, нивните блиски ги распнуваат на крст. Тоа на сите ни се случува. И мене. Но не сум разочаран. Напротив, сметам дека тоа е во човечката природа. Се трудам да им дадам до знаење дека не треба да го следиме примерот на луѓето што го предале Исус. А квалитетните луѓе, луѓето што отстапуваат, ќе бидат распнати. Уметниците, спортистите... Чекаме прво да се прослават во светот, па потоа ние овде признаваме дека се навистина посебни. Ова редовно се случува“.

За љубовта


„Сакајте се, без разлика на тоа дали некој ве сака... совршено е чувството да сакате некој, без оглед на тоа дали е возвратено. Вистинската љубов е љубовта што ја даруваш, а не очекуваш да биде возвратена“.

„Да имам голема моќ, макар и накратко, би направил да исчезнат омразата и злото, луѓето меѓусебно да споделуваат љубов“.

За манастирот


„Сите грешиме и желба ми е, и мисија на некој начин, тој да биде совршен, да биде полн со луѓе од сите краеви на земјата, кои веруваат во Бога, затоа што ова е навистина посебно место. Верувајте, тоа го знае секој што бил таму“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот