Нора Мекинерни, ТЕД-говорник, преживеала многу лоши работи за многу кратко време, но успеала да продолжи со животот. Не го надминала сето тоа жалење, туку си го понела со себе. Таа во овој говор зборува за тоа како е да се живее по смртта на блиски лица и како тоа влијаело врз нејзиниот живот и она што станала. Ви пренесуваме дел од него.
„2014 година беше голема година за мене. Сте имале ли некоја таква, голема година? Мојата одеше вака: на 3 октомври имав спонтан абортус, потоа на 8 октомври татко ми почина од рак, а потоа на 25 ноември и мојот сопруг Ерон, по три години со четврта фаза глиобластом, што е само модерен збор за рак на мозокот. Значи, јас сум забава.
Од 2014 година ќе ви кажам дека повторно се омажив со многу згоден маж по име Метју. Имаме четири деца во нашето измешано семејство, живееме во предградијата на Минеаполис, Минесота, САД, имаме куче, возам миникомбе од оној вид каде што вратите се отвораат, а јас не ги ни допирам.
По секоја мерка, животот е многу, многу добар, но јас не „го надминав тоа“. Јас не го надминав тоа и ја мразам таа фраза толку многу и сфаќам зошто и други луѓе ја мразат бидејќи вели дека животот и смртта и љубовта на Ерон се само моменти кои можам да ги оставам зад себе и дека веројатно и треба да го направам тоа. А кога зборувам за Ерон, многу лесно преминувам во сегашно време и секогаш сум мислела сум чудна поради тоа. Но, потоа забележав дека сите го прават тоа. И тоа не е така затоа што негираме нешто или затоа што забораваме, туку затоа што луѓето кои ги сакаме, кои сме ги изгубиле, сè уште се сегашност за нас. Па, кога ќе речам: „О, Ерон е...“ тоа е така затоа што Ерон сè уште е. Тој е сегашност за мене во работата што ја работам, во детето што го имавме заедно, во овие три други деца што ги одгледувам, кои никогаш не го сретнале, кои не делат ниту дел од неговата ДНК, но кои се во мојот живот затоа што го имав Ерон и затоа што го загубив Ерон. Тој е присутен во мојот брак со Метју затоа што животот и љубовта и смртта на Ерон ме направија личноста со која Метју сакаше да се ожени.
Значи, не сум го преболела Ерон, туку сум продолжила со него. Ова се искуствата што нè одбележуваат и нè прават исто како и оние среќните, и исто толку трајно - долго откако ќе ја добиете последната картичка за сочувство.
Жалењето е едно од оние нешта како заљубување или имање бебе или гледање филм на телевизија, каде што не го сфаќаш додека не го добиеш, додека не го направиш. И штом еднаш ќе го направиш, штом еднаш е твоја љубов или твое бебе, штом е твое жалење и твој прв ред на погребот, тогаш сфаќаш. Разбираш дека она што го доживуваш не е момент во времето, не е коска што ќе се намести, туку дека си допрен од нешто хронично. Нешто неизлечиво. Не е фатално, но некогаш жалењето се чувствува како да може да биде.
И ако не можеме да го запреме тоа едни кај други, што можеме да направиме? Што друго можеме да направиме освен да се обидуваме да се потсетуваме едни со други дека некои работи не можат да бидат поправени и дека не сите рани можат да залечат? Потребни сме си едни на други да се сеќаваме, да си помагаме едни на други да запомниме дека жалењето е оваа мултитаскинг емоција. Дека можеш и ќе бидеш тажен и среќен, ќе жалиш и ќе бидеш способен да сакаш во истата година или недела, ист здив. Мораме да запомниме дека лице што жали ќе се смее повторно. Ако се среќни, дури и повторно ќе најдат љубов. Но, да, апсолутно, тие ќе продолжат напред. Но, тоа не значи дека надминале.“