Претстава што опоменува дека човештвото страда од заборав, ги растура илузиите дека живееме во најдобриот од сите светови и порачува дека не смееме да дозволуваме постојано да бидеме изненадувани од исти работи. Тоа е „Пантаглез“ во режија на Владимир Милчин, која премиерно ќе биде изведена вечерва во 20 часот во Драмски театар - Скопје, пишува МИА.
Пиесата е на Мишел де Гелдерод, напишана во 1929 година, а Милчин повторно ја поставува во ДТС по речиси 50 години. Во март 1970 година на истата сцена таа била негова дипломска работа.
Пантаглез е полуфилозоф-полукловн, кој без да сака и без да биде свесен е вовлечен во група револуционери. Не претчувствувајќи ништо, со баналната реченица за убавиот ден која не обврзува на ништо, ќе предизвика револуција во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан. Умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите што никогаш не можел да ги разбере.
- Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. И денес страда од болеста на заборавот и тоа го плаќа скапо и крваво. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во најубавиот од сите светови, рече Милчин на прес-конференција.
Поразителен е фактот дека текст од пред 90 години звучи како да е напишан денес и дека е страшно што живееме во целосен пораз на цивилизацијата, хуманоста, на човечноста, рече тој.
- Во светот во кој живееме денес, главно, се гласни оние што кажуваат нешто што на ништо не обврзува. Тоа е веројатно една од причините кај што сме – таканаречената интелигенција или интелектуалци... На планетава владеат демагози, популисти, бескрупулозни и преку ноќ збогатени луѓе, многу често поврзани со тајните полиции, со државните служби за безбедност, каков што има и овде таков кој не само што ги следи револуционерите, туку тој и ги предвидува нивните чекори - истакна Милчин.
Мисија на театарот е, рече режисерот, да го потсетува човештвото на неостварените или злоупотребени идеали и да се бори против организираниот заборав.
-А за тоа да не ни се случува, мора да воспоставуваме врска со цивилизациските вредности. Наша обврска е да воспоставиме континуитет со она што културата и театарот со векови го донесувале како хуманост, умност и мудрост - додаде Милчин.
Насловниот лик ќе го игра Зоран Љутков, кој рече дека е ужаснат од тоа што текстот потсетува како да е пишуван сега, а актерот Лазе Манасковски додаде дека кога би им ги смениле имињата на ликовите не ќе можеле да се одбранат од публика на билетарницата на Драмски или претставата ќе била забранета.
Милчин последен пат во ДТС режираше во 2004 (претставата „Марисол“). Задоволен е што повторно работи на оваа сцена со претстава за која рече е прилично комплициран зафат и тежок процес на работа.
- Имам чувство дека имаме одлична претстава што ќе одекне кај гледачите - додаде Милчин. Би сакал, додаде тој, претставата да ја гледа и актерката Милица Стојанова, која била дел од екипата на „Пантаглез“ пред 50 години во улогата (Рахела) што сега ја игра Соња Стамболџиоска. Тогашниот Пантаглез го играл актерот Ацо Јовановски.
Во претставaта играат и: Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески. Сценограф е Крсте Џидров, костимограф Марија Пупучевска.