Американската фармацевтска компанија „Модерна“ штотуку објави дека вакцината против коронавирусот на која работи има ефикасност од речиси 95%, пренесува Би-би-си. Со други зборови, од 1.000 луѓе што ќе се вакцинираат, 945 ќе бидат заштитени од потенцијална зараза со коронавирусот.
Податоците произлегуваат од клиничките испитувања на вакцината на „Модерна“ спроведени на 30.000 луѓе кои добиле две дози од вакцината во период од четири недели. Половина од испитаниците добиле плацебо-инјекција. Дополнително била направена анализа на првите 95 испитаници што развиле симптоми на Ковид-19. Од нив само 5 ја примиле вакцината, а останатите 90 примиле плацебо.
Од „Модерна“ изјавуваат дека ќе се побара одобрување за користење на вакцината во наредните неколку недели. Сè уште не се знае колку би траел имунитетот на Ковид-19 што ќе го дава вакцината.
Информацијата за исклучително високата ефикасност на вакцината на „Модерна“ доаѓа по една недела откако фармацевтскиот гигант „Фајзер“ објави дека нивната вакцина е 90% ефективна во клиничките тестирања.
Во споредба со вакцината на „Фајзер“, онаа на „Модерна“ има предност. Имено, таа се чува на температура од 20 Целзиусови степени под нулата најмногу шест месеци, а еден месец може да се чува во обичен фрижидер. Вакцината на „Фајзер“ треба да се чува на температура од -75 Целзиусови степени и може да стои само 5 дена во обичен фрижидер.
Извор: index.hr
Насловна фотографија: Pixabay