Досега имало над 1.000 дарувачи на крвна плазма, а според евиденцијата на Министерството за здравство, над 105 илјади лица се водат како оздравени. Сепак, не секој што го победил Ковид-19 може да дарува крвна плазма бидејќи постојат услови што треба да ги исполни
Околу еден процент од лицата што прележале Ковид-19 изминатата година биле хумани и дарувале крвна плазма за лекување на болните од коронавирусот, покажува неформалната статистика на Институт за трансфузиона медицина. Иако оваа бројка на прв поглед изгледа мала, сепак, според надлежните од оваа здравствена установа, таа е сосема доволна за да има доволно единици на крвна плазма.
Особено изминатите недели кога третиот бран е во полн ек, многу често на социјалните мрежи се забележуваат индивидуални апели со повик за донирање крвна плазма, што меѓу граѓаните создава сомнеж дека нема доволно плазма за лекување на болните во болниците.
Сепак, директорот на Институтот за трансфузиона медицина, д-р Садула Усеини, вели дека има голем интерес за донирање, но претходно мора да се направат сите испитувања, а дел од оние што ги исполнуваат условите за донирање плазма се повикуваат и подоцна, кога ќе има потреба.
Тој објаснува дека со оглед на тоа што изминатиов период се наоѓаме во пикот на ширењето на вирусот и има голем број хоспитализирани пациенти, и побарувачката на конвалесцентна плазма е зголемена. Посочува дека за потребите на пациентите што се лекуваат во Скопје, а најголемата концентрација на пациентите е токму тука, се овозможува доволно плазма. Болниците во останатите градови во одредени случаи се помогнати од Институтот за трансфузиологија, иако им е посочено дека треба сами да се снабдуваат со единици на плазма.
Д-р Садула Усеини
Да се организираат установите од внатрешноста
- На почетокот на пандемијата лекувањето од Ковид-19 со оваа метода започна само во болниците во Скопје. Затоа, крвна плазма најмногу беше потребна во Скопје. Но, како што се отвораа ковид-центрите и во другите градови, така почна и таму да се применува лекувањето со плазма. Се случува во некои болници да се потрошат единиците на плазма, односно да се намалат количините. Во тој случај можеме и ние да им пратиме и да ги обезбедиме. Но, во оние ситуации кога имаат недостиг, им се обраќаат на прележаните пациенти за донирање. Имаше мал недостиг на плазма во болницата во Битола, која ги покрива и градовите во околината, како Прилеп, Охрид и дел од Струга. Според последните сознанија, сега веќе имаат донатори и плазма има доволно. На пример, во Штип и во Прилеп постојано има донори, а со тоа и секогаш доволно единици на крвна плазма - посочува директорот.
Сепак, додава дека на болниците во другите градови неколку пати им посочувале да се организираат на ниво на регион, а и многу пати се усогласувале и им праќале единици на плазма.
- Согласно протоколот, потребно е да се пополнат формуларите за терапија со конвалесцентна плазма кои ни обезбедуваат следливост за соодветен избор на пациент за третман со плазма, а истовремено и клиничкото подобрување кај пациент што бил третиран - објаснува тој.
Досега имало над 800 дарувачи на крвна плазма, а според евиденцијата на Министерството за здравство, над 105 илјади лица се водат како оздравени. Треба и да се потенцира дека не секој што го победил Ковид-19 може да дарува крвна плазма бидејќи постојат услови што треба да ги исполни.
Крвна плазма била користена за лекување на околу 1.000 пациенти
Д-р Усеини објаснува дека првите седум дена од лекувањето на болните од Ковид-19 се најсоодветни за употреба на крвна плазма, доколку за тоа има потреба. Во тој период овој тип лекување е најефикасно.
- Според досега публикуваните научни студии и искуствата во Соединетите Американски Држави, конвалесцентната плазма е најефикасна ако се даде во првите седум дена од лекувањето, пред пациентот да дојде во единица за интензивно лекување - вели доктор Усеини.
Фото: Институт за трансфузиона медицина
Тој е задоволен што како Институт можат на пациентите да им ја понудат опцијата на вакво лекување уште од самиот почеток на пандемијата, опција која на своите пациенти им ја овозможија во тоа време највисоко развиените држави, како САД и западноевропските држави.
-Досега конвалесцентна плазма дарувале 1.015 дарители, со што се обезбедени повеќе од оваа бројка единици конвалесцентна плазма. Голема благодарност до хероите на денешното време кои по прележувањето на тешката болест имаа доблест и голем алтруизам за да им помогнат на пациентите што се лекуваат од Ковид-19 - потенцира тој.
„Нема потреба од индивидуални апели за донирање“
Иако третиот бран повторно го зголеми бројот на хоспитализации и повторно се активираат повиците по социјалните мрежи за крвна плазма, доктор Усеини вели дека на Институтот има доволно крвни единици и нема проблем со донирањето.
- Имаме доволно резерви на крвна плазма. Многу сме им благодарни на доброволните донори на крвна плазма, како и на другите донори на полна крв и тромбоцити, кои постојано ја покажуваат својата хуманост. На веб-страницата на Институтот постои дел за конвалесцентна плазма со податоци за процесот, тестирањата што им се прават на потенцијалните донори и формулар кој треба да го пополнат потенцијалните донори доколку сакаат да даруваат плазма. Институтот постојано има доволно резерви на конвалесцентна плазма. Фамилиите, најверојатно во страв дека нема да се обезбеди конвалесцентна плазма, даваат апели, но навистина нема потреба за тоа, бидејќи сите побарувања се задоволени - објаснува директорот.
Потенцира и дека постои голем интерес кај лицата што прележале Ковид-19 да донираат крвна плазма, но, сепак, додава дека не секој може да биде донатор.
- Концентрацијата на анти-САРС-коВ-2 ИгГ антителата треба да биде повеќе од 5 арбитрарни единици (АU – Arbitrary Units) - нагласува д-р Усеини.
Крводарителските акции не запреле и во пандемската година
Првиот човек на оваа здравствена установа смета дека македонските граѓани генерално се хумани, а тоа се покажало и во годината на пандемија.
- Оваа година човештвото се соочи со глобалниот предизвик, пандемијата предизвикана од коронавирусот, но тоа не беше проблем за нашите крводарители, нашите херои кои и во вакви услови го организираа нивното време со цел да ја покажат нивната хуманост и алтруизам. Секојдневно го посетуваа нашиот Институт каде што даруваа крв, тромбоцити и конвалесцентна плазма. Со оглед на целокупната состојба, ние сме многу задоволни. И покрај тоа што наидовме на низа тешкотии, успеавме успешно да ја завршиме годината - вели тој.
Сепак, посочува и дека според годишниот оперативен план за крводарителски акции, морале да откажат акции планирани во средните училишта и факултетите поради онлајн-наставата, како и во многу приватни работни организации.
- Во координација со Црвениот крст во земјава организиравме нови и вонредни крводарителски акции, така што успеавме да ги задржиме крвните резерви на ниво како да нема пандемија - вели Доктор Садула, потенцирајќи дека во изминатата година успешно бил обезбедуван континуиран прилив на крвни единици, со што е избегната можноста да се појави недостиг на крвни продукти за потребите на витално загрозените пациенти.