Користењето дигитални уреди за читање многу малку помага во подобрувањето на способноста на ученикот да чита текст и да го разбере неговото значење, покажува ново истражување.
Со години истражувањата посочуваат дека читањето печатени изданија, без разлика дали тоа е за одмор или обврска од училиште, ја подобрува способноста да се сфати текстот.
Сепак, употребата на дигитални уреди за читање, вклучувајќи и мобилни телефони, таблети или компјутери, воведе нови навики за читање.
Едно истражување посочува дека не постои врска помеѓу читањето на екран и подобрувањето на разбирањето на читањето кај учениците од основните и средните училишта.
- За читателите што се развиваат, читањето на дигитален уред во слободно време не се исплати во однос на читањето со разбирање. Барем не толку колку што се исплати традиционалното читање печатени книги - вели Лидија Алтамура, коавторка на истражувањето и докторанд на Универзитетот во Валенсија, Шпанија.
Истражувачите изнесоа две причини зошто читањето на дигитален уред нема исто влијание како читањето печатени изданија кај читателите во развој. Прво, читањето на екран може да им го одвлече вниманието на читателите бидејќи уредите нудат и други функции. Второ, интернетот донесе нови типови на читање, со кратки и брзи стимули, содржина со полош квалитет и помалку софистициран речник.
Авторите нагласуваат дека наставниците и родителите треба да ги охрабруваат учениците, особено помладите, почесто да читаат печатени книги.
- Врз основа на резултатите не можеме само да претпоставиме дека читањето во слободно време ќе биде корисно за читателите во развој - изјави Алтамура, додавајќи дека медиумот што се користи е важен.
Врз основа на она што го знаат од претходните истражувања, истражувачите проценуваат дека ако студентот во слободното поминува десет часа читајќи печатено издание, неговата способност за разбирање веројатно ќе биде шест до осум пати поголема отколку ако истото време го помине читајќи на дигитални уреди.
Извор:
Rte.ie
Фото: Freepik