Кога сопругот ѝ побарал развод, Амбер Клисура му го вратила вереничкиот прстен, го избркала од куќата и исфрлила сè што би ја потсетувало на уништениот брак. Сè, освен едно нешто: скарата од сјаен челик што ја направил од старо буре нејзиниот наскоро поранешен сопруг.
„Седеше на верандата и ’рѓосуваше, ’рѓосуваше... и стана тажен симбол на нашиот однос“, рекла Клисура.
Кога не можела повеќе да ја гледа скарата, размислувала да им да подари на соседите или да ја продаде на отпад, но тогаш прочитала повик за нова збирка во Лос Анџелес за „
Музејот на прекинатите љубовни врски“.
Таков музеј првично бил отворен во Загреб во 2010 година, а настанал од збирки предмети што ги обиколиле Европа, Азија и САД. Во Загреб се изложени предмети од пропаднати љубовни врски, повеќето од нив обични, секојдневни – еден женски чевел со висока штикла, отворач за вински шишиња, стара Снупи кукла.
Но, издвоени во витрина или закачени на бел ѕид со мало објаснување покрај нив, овие предмети ја покажуваат целата тага или нечие жалење. Или слобода.
Во Лос Анџелес е изложена сина шифонска блуза што ја носела некоја жена во моментот кога нејзиниот маж ѝ соопштил дека ја напушта. Коверт полн со лисја, испратен од Канада во Сан Диего, за да може стариот љубовник да ја почувствува промената на годишното време. Тегла со кисели краставички купена за првата љубов која, според објаснувањето на девојката што ја донирала во Музејот, „прекинал да ѝ праќа СМС пораки пред да му ја врачи“.
И вработените во Музејот дале свој придонес во збирката, со желба симболично да ги завршат некои свои врски, рекла Алексис Хајд, директорка на музејот во Булевар Холивуд – улица што уште се вика „Булеварот на уништените соништа“.
Се зборува дека Хајд секогаш кога ги отвора кутиите со пристигнатите подароци, брише солзи од лицето.
„На некој начин тоа е катарза, како што катарза е и добар, тажен филм“, рекла таа. „Некако знаете дека таа личност продолжила понатаму во животот, дека преживеала.“
Хајд рекла дека сите изложени предмети во Музејот на 350 метри квадратни не се од романтична природа. Така, на пример, еден донатор имал непоправлив однос со својот татко. Друг раскинал со црквата. Една жена од Калифорнија донирала регистарска табличка од Тексас со објаснување дека засекогаш раскинала со таа држава.
„А јас раскинав со себеси“, рекла Андре Вермјулен, за чиишто подароци во Музејот најмногу се зборува.
Оваа актерка испратила еден пар импланти за дојки, што ги извадила откако ја окончала отровната врска со човекот што го омаловажувал нејзиното тело.
Вермјулен која живее во Лос Анџелес изјавила дека никогаш не се чувствувала добро со имплантите, а откако ѝ биле извадени, ѝ се вратила самодовербата.
Повеќе од 2000 предмети прават две музејски збирки и една патувачка што била во Сан Франциско, Хелсинки и Хамбург. Од Музејот велат дека постојано им пристигнуваат нови подароци и дека планираат да ги менуваат поставките, со цел изложбите да се освежуваат.
Луѓето што подаруваат воопшто не се претставуваат или само го оставаат нивното име. Вообичаено додаваат само неколку реченици со објаснување на потеклото на предметот што го даваат, но за некои предмети пристигаат и објаснувања во стотина зборови.
Изложбата во шесте простории на Музејот ги примамува туристите кои шетаат по Булеварот Холивуд. Посетителите плаќаат 18 долари и имаат поттик да влезат во приватната „исповедалница“ каде што можат да пишуваат за своите љубовни прекини.