X
 09.01.2025 Живот

Пожарите во Лос Анџелес стигнаа до Холивуд, а пожарникарите немаат доволно вода за гаснење

Лос Анџелес веќе три дена гори. Пожарите беснеат и стигнаа до Холивуд Хилс. Досега загинаа најмалку петмина, а уништени се стотици домови и повеќе од 100.000 луѓе добија наредба за евакуација, додека сувите ветрови со силина на ураган ги отежнуваат напорите на пожарникарите и брзо ги шират огновите.

Нов пожар избувна во Холивуд Хилс, што доведе до нови евакуации, а бројот на активни пожари се зголеми на шест.

Пожарникарскиот оддел на Лос Анџелес издаде наредба за евакуација за неколку легендарни улици за забавната индустрија, како булеварот Холивуд, Мулхоланд драјв и булеварот Лорел Kањон. Во рамките на оваа област се наоѓа и театарот „Долби“, каде што се одржува церемонијата на доделувањето на „Оскарите“.

Најголемиот пожар е во областа Палисejдс на западната страна на Лос Анџелес и досега зафати над 6.400 хектари и уништи стотици структури на ридовите меѓу Малибу и Санта Моника, спуштајќи се до Тихиот Океан.

Властите на Лос Анџелес велат дека пожарникарите се борат против совршена бура, потпомогната од силни ветрови, ниска влажност и недоволни резерви на вода.

Џел Лунд, професор по градежен и еколошки инженеринг на Универзитетот во Калифорнија,  вели дека градските резервоари за вода се дизајнирани да можат да гаснат локализирани пожари, а не широко распространети пожари како оние што беснеат во Лос Анџелес.

- Не е прашање што нема доволно вода во Јужна Калифорнија, туку тоа што нема доволно вода во таа област на Јужна Калифорнија - вели Лунд.

Џенис Кинонес, извршен директор и главен инженер на Одделот за вода и енергија во Лос Анџелес, вели дека побарувачката за вода за гаснење пожари на пониски височини ја попречува способноста на градот да ги полни резервоарите со вода на повисоките места.

Грегори Пирс, директор на Групацијата за водни ресурси на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, вели дека пожарите се невообичаено интензивни дури и според стандардите во Јужна Калифорнија. Тој додаде дека проблемот не е толку многу недостигот на вода, колку што е тешкотијата за брзо пристигнување на големи количини вода до одредена точка каде што е потребна, што ќе повлече големи инвестиции во електрична енергија и инфраструктура.

Извор: Reuters.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот