Според неслужбените информации што ги објави словенечкиот Finance, стартапот Outfit7, најпознат по планетарно популарната апликација My Talking Tom, е продаден на крајот на минатата година на кинеската компанија Zhejiang Jinke Entertainment Culture Co. за 100 долари по акција, што значи дека вкупната вредност на аквизицијата изнесува околу милијарда долари. Воедно станува збор за најголемото странско преземање во историјата на Словенија.
Мобилната апликација My Talking Tom со виртуелното куќно милениче, мачорот Том, беше лансирана во ноември 2013 година. Во меѓувреме, брендот беше проширен со уште неколку мачки и кучиња и претворен во медиумска франшиза Talking Tom and Friends. Апликацијата на своите уреди ја имаа симнато околу пет милијарди корисници, а бројката на активни корисници на месечно ниво изнесува 300 милиони, што значи дека се во иста катгорија како и Twitter кој има 313 милиони активни корисници месечно. Outfit7 има свој канал на YouTube со околу девет милиони претплатници, а нивните видео содржини имаат преку 9,4 милијарди прегледи.
Outfit7 е основан во 2007 година и е регистриран за развој на мобилни апликации, а во нивното портфолио се наоѓаат бесплатни мобилни апликации и игри, анимирана видео содржина и лиценцирање.
Компанијата е покрената од страна на словенечкиот брачен пар, Иза и Само Логин, кои држат 60 проценти од сопственичките удели и неколку години по ред се на врвот на листата на најбогатите Словенци.
За продажбата на компанијата се шпекулираше веќе некое време. Во ноември минатата година, Bloomberg пишуваше дека околу процесот на продажбата компанијата ја советуваше американската фирма Goldman Sachs и тогаш се споменуваше дека вредноста на компанијата се проценува на околу 616 милиони долари.