X
 11.01.2017 Култура

Што читаа Македонците во 2016-та? Ова се најпродаваните наслови


   
Изминатата 2016 година за книжарниците на ТРИ се покажа стилски и жанровски мошне разновидна. Кај читателската публика најголем интерес побудија наслови на веќе етаблирани автори, дела на македонски писатели, книжевни класици, но и на автори кои минатата година ги доживеаја своите првенчиња. Но она што изненадува е трендот на т.н. Боенки за возрасни, кои веќе одамна се вистински хит во светот. Еве ја целосната листа на најпродаваните наслови за 2016 во издание на Издавачки центар ТРИ:

1. Боенка за спокоен ум – Ема Фарарон
Оваа книга со прекрасни илустрации изобилува со суптилни цртежи и сложени шари кои ќе ве поттикнат да медитирате понесени од креативноста и со полна присутност да ги пополнувате страниците. Одвојте неколку минути од денот – каде и да сте – и бојте за мир и спокоен ум. Инаку, Ема Фарарон е француска илустраторка и графичка дизајнерка што живее и работи во Лондон.

2. Луна – Винка Саздова
Која е Луна? Тоа е загатката што две жени ќе ги принуди на сојузништво. Трагајќи по Луна, тие постапно се доближуваат една до друга и се ослободуваат од сеништата на минатото. Луна е последното дело на Винка Саздова, авторката на Последниот чај, Полиња со диви нарциси и Понекогаш доаѓа среќа.

3. Боенка за креативен ден – Ивана Горичан
Во оваа наша боенка ќе најдете инспиративни цртежи кои ќе ви ја поттикнат креативноста, ќе го смират и насочат вашиот ум на начин на кој тоа го прави медитирањето. А по само неколку минути боење веќе ќе го почувствувате пријатниот ефект на боењето и, многу веројатно, целосно ќе заборавите на времето и на работите кои непотребно ве окупираат.

4. Никој не рече дека ќе биде лесно – Коста Петров
Коста Петров, еден од најпопуларните македонски современи автори, во минатата година ја објави својата долгоочекувана, петта по ред книга. Она што вреди да се напомене е дека оваа книга беше достапна само во текот на последниот месец од изминатата година, и за толку кус период успеа да се искачи на високото четврто место за целата година. „За да го создадеме чудото што толку многу го посакуваш, ќе мора да тргнеме кон едно место. Едно тајно место. Место каде што има доволно чуда за сите нас. Во тоа место живеат сите твои соништа. Тоа место ќе ти ја даде можноста за првпат во твојот живот навистина да ја почувствуваш среќата.“

5. Умрен човек – Игор Џамбазов
„Пак јас... Прости ми, пријателе мој, посилно е од мене... Ти ветив дека повеќе нема да пишувам за себе, ама што маж сум јас ако си го одржам ветувањето? Имаат ли крај овие мои климактерични его-трипови? И имало ли во моите мозочни „фајлови“ уште нераскажани приказни? Е па... имало, пријателе. Ќе умрам ако не ти ги раскажам. Или откако ќе ти ги раскажам. Ете така, просто морам да ти ги раскажам.“

6. Малиот принц – Антоан де Сент-Егзипери
Безвременскиот Малиот принц на Антоан де Сент-Егзипери е еден од омилените ликови на многу генерации, на сите точки на Земјината топка. Затоа што „сите возрасни некогаш биле деца, но малкумина од нив се сеќаваат“.

7. Трофеј – Весна Петрушевска
Популарната актерка и водителка за првпат ѝ се обраќа на јавноста преку книга во која пишува за драматични настани од својот живот и раскажува анегдоти кои истовремено ќе го развеселат, но и растажат секој читател. Искрено и од дното на душата, таа го распостила пред нас својот живот исткаен од спомени и надежи, солзи и радости, падови и подеми. Без разубавувања и задршки, без цензура.

8. Девојката во пајакова мрежа – Давид Лагеркранц
Лизбет Саландер и Микаел Блумквист се враќаат во долгоочекуваното продолжение на серијалот Милениум. Девојката во пајакова мрежа е трилер кој обожавателите на делата на Ларсон долго го очекуваа, роман кој, како и претходните, навлегува во многу актуелни и болни општествени теми.

9. Чиракот на архитектот – Елиф Шафак
Бајковит историски роман за уметничката слобода и креативност, за судирот меѓу науката и традицијата. Облеан со боите на Османлиското Царство, кога Истанбул е плоден центар на една цивилизација, Чиракот на архитектот е магична приказна во која љубовта и верноста се во постојан судир со желбата за моќ.

10. Шпионка – Пауло Коелјо

Во својот нов роман Пауло Коелјо оживува една од најмистериозните жени во историјата: Мата Хари. Раскажана преку последното писмо на Мата Хари, Шпионка ја разоткрива незаборавната приказна за една жена која се осмелила да ги прекрши правилата на однесување на своето време и која за тоа ја платила највисоката цена.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура