Издавачкиот центар ТРИ има чест да ја најави промоцијата на македонскиот превод на романот „Бог ми е сведок“, дело на истакнатиот современ писател од Република Грција, Макис Цитас. Промоцијата на овој исклучително интересен роман ќе се одржи во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, на 21 јули 2016, во 19 часот. Макис Цитас е еден од водечките грчки писатели од новата генерација, а за „Бог ми е сведок“ во 2014 година ја доби престижната Награда за книжевност на Европската унија.
„Бог ми е сведок“ е хумористичен и трогателен портрет на убавините, злата и противречностите на современото грчко општество, виден низ очите на еден крајно несовршен а мошне симпатичен антихерој. Сместен во просперитетна Атина од 2004 година, романот како да ги антиципира современите состојби, па се занимава токму со темата на внатрешните превирања и надворешните судири на Хрисоваландис, кој во педесеттите години од својот живот останува без работа и без перспектива. Тој е лик полн со противречности: мизогинист кој ги обожава жените, срамежливо суштество што се плаши од наездата на странци, разгалено средовечно дете што копнее да биде маж и трагичен херој со одлична смисла за хумор. Талкајќи по улиците на Атина на Бадник, со само еден куфер в рака, полуживата фигура на Хрисоваландис е одраз на чудовишноста на едно сурово општество што неизбежно го отфрла.
Наградата за книжевност на ЕУ ја доведува во центарот на вниманието креативноста, како и богатството на различноста на современите европски писател(к)и, но и овозможува непречена циркулацијата на пишаниот збор внатре во Европа. Интересно е да се напомене дека меѓу лауреатите на оваа награда спаѓаат и нашите Гоце Смилевски (2010), Лидија Димковска (2013) и Ненад Јолдески (2016).