Издавачкиот центар ТРИ ја збогати својата едиција на романи од современата европска книжевност, „Променада“, со уште осум дела од еминентни автори од Европа, меѓу кои се Жозе Сарамаго, Колм Тојбин, Елиф Шафак, Ласло Краснахоркаи.
„Променада“, или Книжевна прошетка низ Европа, е едиција во која се сместени големи имиња од националните книжевности на земјите од Европската Унија. Едицијата ја одликуваат високи книжевни и естетски вредности и разноликост која на љубопитниот читател ќе му ја претстави eвропската книжевност од сосем различни страни и преку приказни од различни поднебја. Покрај префинетата селекција на романи, оваа едиција се одликува со одлично реализирани преводи и графичко уредување. Треба да се истакне и дека „Променада“ е првата едиција што истовремено е достапна и во електронска форма преку апликацијата Kniga.mk.
Книжевното патување што започна во 2015 година продолжува на осум книжевни дестинации кои дефинитивно ќе го предизвикаат секој љубител на квалитетната литература.
Елиф Шафак
ЧИРАКОТ НА АРХИТЕКТОТ
Превод од англиски јазик: Мирјана Буразер Китановска
Истанбул, 1540 година: заедно со необичниот дар за султанот, во отоманската престолнина пристигнува и малиот Џахан, кој го има само Чота, мудар и редок бел слон. Како скротувач во царската менажерија, тој се спријателува со султановата ќерка Михрима и се вљубува во неа. По игра на судбината, момчето го запознава главниот царски архитект Синан, кој го зема под своја закрила, па заедно со слонот ги создаваат највеличествените градби во историјата. Но додека ги градат овие ремек-дела, меѓу четворицата чираци на мајсторот се јавува завист, а под површината се насетуваат опасни струи...
Бајковит историски роман за уметничката слобода и креативност, за судирот меѓу науката и традицијата. Облеан со боите на Османлиското царство, кога Истанбул е плоден центар на една цивилизација, Чиракот на архитектот е магична приказна во која љубовта и верноста се во постојан судир со желбата за моќ.
Гербранд Бакер
ГОРЕ Е ТИВКО
Превод од холандски јазик: Ели Пујовска
Откако неговиот брат близнак загинува во сообраќајна несреќа, Хелмер е принуден да се откаже од студиите и да остане на малата семејна фарма, помирувајќи се што мора да го мине животот „со главата под крава“. Сите години е врзан за фармата и не се оженил, измачуван од премолчаното чувство дека татко му повеќе го сакал другиот брат, кој требало да ја наследи фармата. Романот почнува триесет години по трагичниот настан, кога Хелмер го преселува неподвижниот татко на горниот кат за да може да го преуреди долниот дел од семејната куќа по своја желба.
Ненадејното појавување на некогашната свршеница на брат му, со необичната молба нејзиниот апатичен осумнаесетгодишен син да поработи на нивната фарма, покренува во него лавина од потиснувани спомени и измешани чувства. Пристигнувањето на третата личност ја менува секојдневната динамика на фармата и го принудува Хелмер да размисли за врската со таткото и со покојниот брат, како и за тоа што сака да прави по татковата смрт. Навидум роман за едноличниот живот на село, Горе е тивко на крајот поставува тешки прашања за осаменоста, за потрагата по смисла и за можноста да се земе животот во свои раце.
Жозе Сарамаго
ПАТУВАЊЕТО НА ЕДЕН СЛОН
Превод од португалски јазик: Наташа Сарџоска
Во 1551 година португалскиот крал Жоао III решава да му прати на австрискиот надвојвода Максимилијан невообичаен свадбен дар: слонот Соломон. Одеднаш сите се растрчуваат да ги подготват слонот и неговиот чувар Субхро. Необичната свита и кралската гарда го изминуваат целиот континент опустошен од реформацијата и граѓанските војни, низ попатните сведоштва на зналците, историчарите и оџагорените обични луѓе. Карванот се пробива низ древните градови на северна Италија; храбро се искачува по Алпите и стравотните теснини Исарко и Бренер; преку Средоземно Море па пругоре по реката Ин, и најпосле пристигнува пред величествената порта на царска Виена...
Патувањето на еден слон е сказна богато проникната со иронија и емпатија, проткаена со духовити размисли за човечката природа, едно значајно толкување на моќта која го навредува човековото достоинство.
Колм Тојбин
ГОСПОДАРОТ
Превод од англиски јазик: Катерина Јосифоска
Романот Господарот на Колм Тојбин ги опфаќа клучните животни епизоди на еден од најголемите писатели на XX век, Хенри Џејмс, и навистина мајсторски го проектира психолошкиот портрет на авторот на Свртување на завртката и Портретот на една дама.
Во јануари 1895 година Хенри Џејмс ја очекува сценската поставка на својата прва драма Гај Домвил во Лондон. Продукцијата пропаѓа и тој, разочаран и понижен, му се враќа на пишувањето. Резултатот е низа од книжевни ремек-дела кои остануваат популарни сè до денес, но се создадени по цена на многу лични жртви. Овој роман, кој во 2004 година Џон Апдајк го поздравува како чудесен спој од биографско истражување и прекрасно нијансиран книжевен стил, го опишува семејното милје на Хенри Џејмс, неговите односи со роднините и пријателите, но и осамената посветеност на прозата, отсликувајќи го неговиот живот помеѓу уметниците и аристократијата во Париз, Рим, Венеција и Лондон.
Ласло Краснахоркаи
СЕИОБО ТАМУ ДОЛУ
Превод од унгарски јазик: Златко Панзов
Јапонската божица Сеиобо во својата градина поседува праскино дрво кое цути еднаш на секои три илјади години: неговите плодови даруваат бесмртност. Во Сеиобо таму долу ги сведочиме нејзините чести враќања во смртните предели, поттикнати од потрагата по барем мигновена глетка на совршенство. Во романот на Краснохоркаи убавината го одразува – макар само краткотрајно – светото, иако ние најчесто не сме во состојба да се носиме со него. Сеиобо ни ја прикажува реставрацијата на една древна статуа на Буда; ни го прикажува Перуџино како раководи со својот дуќан; јапонскиот но-актер додека ги вежба своите улоги; фанатичниот вљубеник во барокната музика кој држи предавања пред грст остарени селани; туристите кои ја нарушуваат неповредливоста на ритуалите врзани за најсветото место за обожавање во Јапонија; чапјата како лови... Над сите овие сцени, но и над многуте други – распределени во согласност со низата на Фибоначи – лебди Сеиобо, набљудувајќи го сиот тој свет под себе.
Јахим Топол
НОЌНА РАБОТА
Превод од чешки јазик: Донка Роус
Една летна ноќ во 1968 година, во предвечерјето на советската инвазија врз тогашна Чехословачка, тринаесетгодишниот Ондра и неговиот помлад брат се стуткани на седиштата на автобусот кој јури кон родното место на нивниот татко, едно планинско село опкружено со шуми во северна Бохемија. Но кога ќе пристигнат таму, станува јасно дека тоа бегство носи свои сопствени неизвесности и опасности.
Момчињата се наоѓаат заглавени во една настрана рурална заедница, раскинувана од дребни расправии и нагрдена со предрасуди, гранично подрачје преку кое редовно талкаат бегалци, жртви на геноцид и војски лесни на орозот. Созревајќи во тоа темно, хаотично подрачје, двете момчиња се мачат да созадат каков-таков дом за себе, сè додека една серија тешко сфатливи умирачки не ги принудува да донесат смели одлуки, со надеж дека ќе го осигураат сопствениот опстанок и ќе го дочекаат доаѓањето на својот татко дисидент.
Жан Мишел Генасија
КЛУБОТ НА НЕПОПРАВЛИВИТЕ ОПТИМИСТИ
Превод од француски јазик: Ацо Пероски
Клубот на непоправливите оптимисти е еден од најуспешните документарни романи во современата француска книжевност, во кој фикцијата на авторот се преплетува со реалните историски личности, како Жан-Пол Сартр и Албер Ками. Авторот на брилијантен начин ја доловува атмосферата во Париз во педесеттите години од минатиот век, создавајќи една прекрасна, меланхолична и трогателна приказна за детството и младоста поминати во еден бурен период од историјата на Европа.
Мишел Марини има дванаесет години и во својот живот има неколку големи страсти – фудбалот, книгите и шахот. Токму овие три големи љубови го водат младиот Мишел во бистрото Балто, во еден од сиромашните квартови на Париз. Во тој легендарен ресторан има и една скришна сала, каде Мишел ќе открие луѓе кои не се среќаваат често на улиците во Париз, а кои се членови на шаховскиот Клуб на непоправливи оптимисти. Момчето ќе успее да се избори за своето место во тој храм на интелектот и духовноста и ќе ја запознае судбината на многу луѓе кои побегнале од источната на западната страна на Железната завеса, но ќе ги сретне и великаните на европската филозофија и книжевност.
Макис Цитас
БОГ МИ Е СВЕДОК
Превод од грчки јазик: Емилија Мајсторова Стојановска
ДОБИТНИК НА ЕВРОПСКАТА НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА
Бог ми е сведок е хумористичен и трогателен портрет на убавините, злата и спротивностите на современото грчко општество, виден низ очите на еден крајно несовршен а мошне симпатичен антихерој.
Оваа животна приказна ја раскажува Хрисоваландис, педесетгодишен маж на работ на пропаста, кој неодамна останал без работа и кој се бори со влошеното здравје. Длабоко набожен, наивен и емотивно незрел, сиот свој живот им бил жртва на луѓето околу себе. Неговиот злобен газда најмногу уживал да се изживува со него, жените во неговиот живот го сакале само поради парите, а татко му и сестрите ‒ со кои сè уште живее ‒ го презираат и го понижуваат. Напуштен од сите, талкајќи за последен пат по улиците на Атина на Бадник, со само еден куфер в рака, полуживата фигура на Хрисоваландис е одраз на чудовишноста на едно сурово општество што неизбежно го отфрла.