X
 15.01.2017 Образование

Имаме сѐ помалку „вечни студенти“

Да, проодноста беше тежок проблем во минатото. Само 7 проценти од генерација завршуваа, иако се запишуваа најмалку 30 отсто. Реформите во високото образование имаат како една од главните цели, да се подобри ефикасноста на студирањето - вели професор Ненад Новковски.



Сè поголем број македонски студенти дипломираат навреме, односно ги запазуваат роковите за студирање. За разлика од пред десет години кога после рок дипломирале дури 71 проценти од студентите, во последните неколку години тоа го прават околу 59 отсто од нив. На што се должи ова? Дали проодноста е зголемена поради воведување на кредит трансфер системот или Болоњската декларација или станува збор за нешто друго.

Професорот Ненад Новковски од Природно математичкиот факултет во Скопје и поранешен министер за образование и наука вели дека проодноста порано била голем проблем и дека практично сега е отфрлен системот на елитно образование.

- Да, проодноста беше тежок проблем во минатото. Само 7 проценти од генерација завршуваа, иако се запишуваа најмалку 30 отсто. Реформите во високото образование имаат како една од главните цели, да се подобри ефикасноста на студирањето.

Пред дваесетина години имавме мал процент на завршени од запишаните студенти. Со тек на времето се подобрува ефикасноста, како преку бројот на дипломирани, така и на дипломирањето во редовниот рок, најмногу благодарение на променетите програми, семестралните испити и следењето на работа на студентите од страна на координаторите. Во меѓувреме и голем број од подзаостанатите студенти биле поттикнати да ги довршат своите порано отпочнати студии - вели Новковски.

Инаку, според податоците од Државниот завод за статистика во 2007 година дипломирале вкупно 8. 188 студенти од кои во рок 28.9 проценти, а дури 71.1 после рокот. Во 2009 година, бројот на дипломирани студенти на додипломски студии на високите стручни школи и факултетите е 10. 232 од кои 35.2 проценти дипломирале во рок, додека 64.8, дипломирале после рокот. Во 2012 година, бројот на дипломирани студенти е 10.392 од кои 58 проценти дипломирале после рокот. Во 2015 година, бројот на дипломирани студенти е 8.458. Од вкупниот број студенти, 40.9 проценти дипломирале во рок, додека 59.1 отсто дипломирале по рокот. Интересно е да се спомене дека во 1955 година сме имале само 304 дипломирани студенти, но нема податоци колку од нив дипломирале во или после рокот.

Инаку, денешниот систем на образование исто така не фаворизира т.н „вечни студенти“.

- Според Статутите на универзитетите и Правилниците на факултетите, студент може да го одложи дипломирањето, најмногу два пати од дадениот рок. Ако студиите се четири години, не може да студира подолго од осум години. После истекот на овој рок, студентот нема да може да продолжи да студира, туку ќе мора одново да се запише според дадени критериуми - ни одговорија во студентски прашања на еден факултет.

Постои опцијата за ставање на студиите во мирување, ако има специјални околности како бременост, болест или други причини за неможност за студирање.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование