Уметничкиот свет многу често бил потресуван од разноразни скандалозни љубовни афери низ историјата, кои предизвикувале негодување и згрозеност кај скромните (мало)граѓански духови.
Проследуваме неколку љубовни приказни од светот на уметноста, кои своевремено биле означени како шокантни:
Ман Реј и Кики де Монпарнас
Кики де Монпарнас била, најблаго кажано, слободен дух. Како тинејџерка почнала да позира гола и била чест посетител на париските кафулиња и ноќни клубови. Фотографот Ман Реј бил привлечен од нејзиниот боемски начин на живот, па Кики станала не само негов модел, туку и негова љубовница. Кога ја запозал, Кики сè уште формално бил во брак со белгиската поетеса Адона Лакроа, иако живееле одвоен живот. Подоцна Реј ја оставил Кики заради помладата моделка Ли Милер, но во периодот додека биле заедно, создал неколку дела со неа како модел, вклучително и прочуената слика Енгровата виолина.
Пабло Пикасо и Марија Тереза Валтер
Нашироко е познат фактот дека Пабло Пикасо бил „женкар“. Тој ја запознал Марија Тереза кога таа имала 17 години, а тој бил на своја 45-годишна возраст. Брзо и сериозно се вљубил во малата убавица која била инспирација за многу негови дела.
Зошто оваа љубовна афера била толку шокантна, освен разликата во годините? Пикасо тогаш бил оженет со Олга Коклова, која неколку години не знаела за оваа афера, а Пикасо добил и дете со Марија Тереза.
Пабло Пикасо и Франсоа Гио
Пикасо навистина ги љубел жените. Бил во врска и со Дора Мар – жената со која бил по Марија Тереза, додека во истиот период сè уште бил во официјален брак со Коклова.
Во вистински Пикасовски манир ја запознал дваесет и едногодишната Франсоа Гио, и заради неа ја оставил Дора, која доживеала нервен слом. Франсоа и Пикасо биле заедно неколку години и добиле две деца.
Филипо Липи и Лукреција Бути
Филипо Липи бил сликар од Фиренца, сирак кој пораснал во кармелијанскиот машки манастир Санта Марија дел Кармине. И самиот бил кармелијански монах. Меѓутоа, тоа не бил патот по кој сакал да оди. Се вљубил во Лукреција Бути која инспирирала многу негови дела. Во тоа време ова претставувало голем скандал, затоа што и Лукреција била монахиња. Откако и двајцата се размонашиле, се венчале и добиле син.
Рембрант и Хендрике Стофелс
Сопругата на Рембрант, Саскија ван Уленбург, починала млада, на 29-годишна возраст, оставајќи го зад себе синот Титус. Во својот тестамент навела дека Рембрант не смее повторно да се ожени доколку сака да има пристап до фондот кој го оставила на име на синот Титус.
Но тоа не претставувало пречка за големиот сликар да има љубовница. Хендрике, која била дваесет години помлада од Рембрант, влегла во неговиот живот прво како куќна помошничка, потоа станала и негова муза, а со текот на времето и негова љубовница. Останала и бремена со него, а според луѓето кои живееле во тоа време, тие живееле во грев.
Рафаело и Маргарета Лути
Рафаело Санти бил познат „женкар“ во тоа време. Бил свршен со Марија Бебиен, а паралелно имал низа љубовници.
Една од неговите најпознати љубовници била Маргарета Лути, позната и како Ла форнарина. Иако не се знае многу за нејзиниот живот, таа навистина позирала во многу негови дела, вклучително и за прочуената слика Ла форнарина – што во превод значи Ќерката на пекарот. Рафаело починал како неоженет на 37-годишна возраст. Се верува дека починал од сифилис.
Џон Раскин, Ефи Греј и Јон Еверт Миле
Скандалозниот љубовен триаголник од викторијанската доба, започнал со стапувањето во брак на дваесетгодишната Ефи Греј со познатиот уметник и ликовен критичар, Џон Раскин. По неколку години, Ефи побарала поништување на бракот кој според неа, никогаш и не бил конзумиран. Сепак, пред поништувањето на бракот, Ефи му позирала на сликарот Миле, во кого се вљубила, а после една година и се венчала со него.
Луцијан Фројд и лејди Каролин Блеквуд
Уште еден женкар, сликарот Луцијан Фројд, внук на познатиот психолог Сигмунд Фројд, имал многу врски и афери во својот живот. Многу од нив му донеле и пород од најмалку 14 деца, а според некои проценки имал околу 40 наследници.
Затоа и воопшто не е чудно дека бил вплеткан во многу
скандалозни љубовни афери. Додека бил во брак со Кити Гарман, ја запознал осумнаесетгодишната Каролин Блеквуд, и како многу уметници од овој список, го растурил својот брак со Кити и тајно се венчал со Каролин во 1953 година. Не е никакво изненадување фактот дека ни овој брак од страст не потрајал долго време.