X
 20.02.2017 Живот

Како изгледа љубовна врска во затвор

Аманда Нокс е Американка позната по судењето за убиство на цимерката Мередит Керчер, додека биле на студентски престој во Италија. По четири години поминати во италијански затвор, Нокс била ослободена. За порталот „Broadly“ напишала како, од нејзина перспектива, изгледа љубов зад решетки.

***

Кога Лени пристигна во затворот Капане во централна Италија, беше мрзоволна и повлечена. Се шеташе сама горе-долу низ дворот, со спуштени глава и рамена. Тоа не е нешто необично за некој кој е преместен од еден во друг затвор. Секој затвор има свој чувствителен екосистем. Кога ќе те окторнат од едно место и ќе те турнат во друго без предупредување, тоа може да биде застрашувачко искуство. Веднаш ја забележав: ситна, малку мешлеста, со кратка црна коса. Не ми беше закана.

Меѓу 2007 и 2011 година бев затворена поради убиство кое го немав направено. Кога Лени стигна во мојот затвор, веќе имав отслужено три години. Не разговарав со неа. Не разговарав со повеќето луѓе таму. Генерално, бев повлечена.

***

Бев среќна, за волја на вистината. Благодарение на поддршката од пријателите и семејството, социјалните врски внатре во затворот не ми беа потребни како на другите затвореници. Факторите кои придонесуваат за изолација од општеството како што се сиромаштија, ментални болести и историја со злоставување, всушност често се поврзани и диспропорционално присутни кај затворската популација.

Педесет отсто од затворениците страдаат од некои психички болести, во споредба со 11 отсто од општата популација. Жените кои доаѓаат во затвор, во животот често биле злоставувани. Семејните односи на затворениците, исто така се распаѓаат.

***

Мнозинството затворенички во Капане им припаѓаат на социјални групи, најчесто формирани според широка расна одредница. На пример, имате Ромки, Италијанки и Нигеријки. Како Американка, не припаѓав никаде. Нивните кланови беа хиерархиски. Нигеријките меѓу себе се нарекуваа „мајки“ или „ќерки“. Ромките една на друга си се обраќаа со „роднино“. А во рамки на тие „семејства“, воопшто не е реткост две затворенички да создадат интимна врска.

Затвореничките се вљубувале една во друга. Си разменувале писма и си подарувале ситни подароци. Имало и љубомора и плачливи прекини на врските. Имало и двојки кои изгледале како да се 20 години во брак. Поголемиот дел од тие жени надвор биле хетеросексуални.

***

Секој ден Лени ме гледаше како џогирам во дворот. Во една прилика собра храброст да ме поздрави. Бев внимателно пријателски настроена. Заедно прошетавме низ дворот. Ми кажа дека е лезбејка, а јас ѝ реков дека сум „стрејт“. Ми раскажа дека во конзервативната Италија многумина ја осудувале. Сочувствував со неа.

Во текот на наредните неколку недели станавме пријателки. Океј, речиси пријателки. Немав пријателки во затворот. Повеќето други затворенички беа поголеми, поопасни и немаа што да изгубат за разлика од мене. Но, и јас бев тврдоглава. Бев невина и долго одбивав да се интегрирам во свет во кој не припаѓав. Лени ме дофати меѓу таа одбранбеност и осаменост. Ништо не бараше од мене. И’ дозволив да ги слуша моите Це-Деа, а научи да игра и шах. Немаше никој друг близок.

***

Мислам дека не се обидуваше да ме заведе, барем на почетокот. Само ѝ требаше некој со кого заедно ќе се борат против осаменоста. Многу затворски врски немаат голема поврзност со сексот. Во затворот ќе ги пронајдете речиси сите форми на човечка сексуалност, но сексуалната активност не мора да биде дефинирачки дел од романтичниот однос. Понекогаш, човечката конекција е поважна. Речиси е невозможно да се изрази во бројки колку луѓе, додека се во затвор, одржуваат романтички или сексуални односи. Едноставно не постојат податоци. Сојзните институти ги бројат само обидите за сексуална агресија. Од моето затворско искуство, врските се многу чести.

„Многу ми значеше да имам некој за кого ќе се грижам и кому ќе му готвам. Некој на кого ќе му верувам и со кого ќе ги споделувам своите грижи и стравови. Некој кој ќе ми даде љубовно писмо или ќе ми ја стисне раката кога ќе одам на суд. После 17 години во затвор, ми недостасува човечки допир“, раскажува извесна затвореничка Банч. Кристин Банч е погрешно осудена за смртта на нејзиниот син и поминала 17 години во затвор, пред да биде ослободена во 2012 година.

***

Врската што Банч ѝ ја раскажала на психологот е опишана како „врска за опстанок“. Тие се врски кои на луѓето им овозможуваат да ги преживеат исклучително тешките околности. Затворот е место кое изолира. Насилно сте разделени од домот и од поддршката на блиските. Ви се одземаат слободата на движење и интеракцијата. Ви се одзема времето. Присилени сте да се предадете на целосен надзор на странци. Љубовните врски се формираат со цел затворениците да останат ментално здрави.

Иако врските во затворите се чести, интимните односи меѓу нив често се забранети. Затворениците ризикуваат казни, некогаш формални, но некогаш ризикуваат и престој во самица или дури и трансфер во друг затвор. Чуварите знаат да ги малтретираат поради нивната хомосексуалност. Лени сакаше да ме држи за рака. „Веќе сум менувала жени. Можам да ти правам нешта кои ниеден маж не може да ги прави“, ми рече. Тоа ме налути, се почувствував како нечиј предмет. „Не можеш да ме промениш“, ѝ реков. Мислеше дека се правам недостижна. Еден ден ме бакна. Ги стегнав забите и кисело се насмевнав, балансирајќи меѓу срамот и лутината.

***

Доволно лошо беше што затворската институција ми ја одзеде сопственоста на моето тело – бев затворена, редовно претресувана гола и сексуално вознемирувана од страна на машките стражари. Како затвореничка, Лени требаше да го разбира тоа. Но, за разлика од мене, таа служеше кратка казна и не чувствуваше губиток на приватноста, достоинството и автономноста како мене. Дилерка од малечок град, Лени не знаеше какво е чувството кога ти се украдени минатото, сегашноста и иднината – токму како што чувствував јас.

Со оглед на тоа што не можеше да ги почитува моите граници, ѝ реков дека не можеме да бидеме пријателки. Нештата меѓу нас станаа напнати. Кога имав паузи од должностите, Лени „висеше“ пред мојата ќелија и се расправаше со мене за мојата претерана реакција. Ми олесна кога ја пуштија на слобода. Подоцна ми пишуваше писма. Ми праќаше и Це-Деа. На внатрешните обвивки пишуваше „Ќе те сакам засекогаш, Лени“. Никогаш не ѝ одговорив.        
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот