Астрономите открија систем од седум планети со големина на Земјата кои кружат околу една ѕвезда која ни е релативно близу и на која е можен живот, објаснува НАСА.
Од овие планети, три се наоѓаат во зоната погодна за живот, подрачје околу матичната ѕвезда, класифицирана како ултрастудено џуџе, а најголема е веројатноста токму тие три да имаат и вода, клучна за животот каков што го знаеме.
Поради тоа што се наоѓаат надвор од нашиот сончев систем, овие планети се нарекуваат егзопланети.
Овој систем на егзопланети е наречен „ТРАПИСТ-1“, според телескопот, а се наоѓаат во соѕвездието Водолија и се релативно близу до нас. Оддалечени се од Земјата за околу 40 светлосни години.
Сите седум планетарни орбити се поблиску до нивната матична ѕвезда отколку што е планетата Меркур со нашето сонце.
Планетите исто така се доста блиску едни со други.
Со помош на телескопот „Спицер“ прецизно се измерени големините на седум планети и донесени првите проценки на масите на шест од нив, со што се овозможило и проценка на нивната густина. Врз основа на густината, сите овие планети се карпести. Понатамошните истражувања не само што ќе помогнат да се утврди дали се богати со вода, туку може да се открие дали има течна вода на површината на некоја од нив.
„Седумте чуда на системот „Трапист-1“ се први планети со слична големина како онаа на Земјата за кои е откриено дека кружат околу овие видови ѕвезди. Мислам дека направивме клучен чекор кон откривањето дали има живот“, изјави Микаел Гилон, водечкиот истражувач од Универзитетот во Лиеж.
„Луѓето ќе добиваат се` повеќе и повеќе вести за овој систем во наредните месеци и години. Допрва започнува историјата“, додава тој.