X
 23.02.2017 Култура

Јапонци планирале атентат врз Чарли Чаплин


Чарли Чаплин

Неговиот лик е еден од најпрепознатливите во филмската историја. Кралот на немиот филм и пионерот на комедијата во 20 век, Чарли Чаплин, во својата богата биографија има еден малку познат настан, кога благодарејќи на неверојатен тек на околности, избегнал атентат во Јапонија!

Во февруари 1931 година бил потпишан мировен договор меѓу Обединетото Кралство, Јапонија, Франција, Италија и САД, со цел да се забави трката во вооружување меѓу овие економски гиганти, пишува порталот Vintage News.

Јапонија цврсто се придржувала кон договорот, што предизвикало револт кај екстремно националистичката струја во морнарицата на оваа земја. Противниците на овој договор сметале дека тој директно влијае на намалувањето на воената сила на јапонското царство и одлучиле да извршат атентат врз премиерот Инукаи Цујоши.

Атентатот имал за цел да предизвика преврат со кој војската би дошла на чело на државата.

Конспираторите биле поддржани од цивили, членови на прочуената „Крвна лига“.  Планот бил да влезат во домот на премиерот и да извршат атентат врз него и неговиот дваесет и едногодишен син.

Токму во тоа време Чарли Чаплин бил во посета на Јапонија и премиерот Цујоши го поканил на прием во својот дом.

Атентаторите дознале за посетата, и во неа препознале одлична можност да предизвикаат конфликт меѓу САД и Јапонија, доколку извршат атентат и врз познатиот актер.

Тој 15. мај 1931-та, атентаторите упаднале во домот на премиерот, не знаејќи за промената на планот: синот на премиерот го одвел Чаплин да проследат сумо-натпревар! Оваа случајна промена им ги спасила животите, па единствена жртва на заговорот бил премиерот Цујоши.

Благодарејќи на овој случаен тек на околностите, Чаплин преживеал и подоцна ги снимил култните филмови „Модерни времиња“, „Големиот диктатор“ и „Светлините на велеградот“.

А во Јапонија, членовите на заговорничката група биле уапсени и процесуирани. За брзо време им било и пресудено, но со зачудувачки блага казна, заради притисоци врз судот. Во текот на процесот против „Крвната лига“ до судот пристигнала и петиција со 350.000 потписи, сите до еден напишани со крвта на секој потписник.

Со овој настан, Чарли Чаплин станал директен сведок на еден историски настан кој водел кон зацврстување на јапонскиот милитаризам во пресрет на Втората светска војна.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура