X
 02.04.2026 Живот

Како војната на Блискиот Исток влијае врз продажбата на луксузните автомобили

Во февруари, непосредно пред избувнувањето на војната со Иран, „Ролс-Ројс“ го претстави моделот „фанром арабеск“ во Дубаи, но фокусот на индустријата денес е далеку од луксузните детали - повеќе се работи за продажба, маржи и неизвесност на клучниот пазар.

Блискиот Исток учествува со помалку од 10 проценти во вкупната продажба на луксузни автомобили, но носи непропорционално голем дел од профитот. Токму затоа војната доаѓа во најлошиот момент, кога побарувачката веќе слабее во другите делови од светот. На овој пазар производителите остваруваат највисоки маржи, главно благодарение на клиентите кои се подготвени да платат огромни суми за персонализирани модели.

Привремено затворени

Откако избувна конфликтот кон крајот на февруари, многу салони во Заливот беа привремено затворени, а „Ферари“ и „Масерати“ ги прекинаа испораките. Од „Ролс-Ројс“ велат дека внимателно ја следат ситуацијата, но признаваат дека е прерано да се зборува за долгорочните последици.

Податоците од терен веќе покажуваат промени. Луксузниот салон „Ф1рст моторс“ во Дубаи бележи пад на работењето од околу 30 проценти по повторното отворање. Сепак, најскапиот сегмент останува релативно стабилен. Продажбата на автомобили во вредност од над 1,4 милиони долари остана на слично ниво. Некои клиенти дури плаќаат и до 30.000 евра за извоз на возила од регионот.

За производителите, токму овој премиум сегмент е клучен. Маржите на Блискиот Исток се далеку повисоки отколку на другите пазари, особено поради ограничените серии и персонализираните нарачки. Токму затоа лидерите во индустријата нервозно ги следат случувањата.

Намалување на производството

Производителите на луксузни производи се соочуваат со голем број проблеми и надвор од регионот. Продажбата во САД е под притисок поради царините, кинескиот пазар опаѓа, а Европа стагнира. Во таква средина, Блискиот Исток останува едно од ретките профитабилни упоришта.

Сега и тој пазар покажува знаци на застој. Бизнисот во сегментот на персонализирани возила речиси запре, а клиентите се повнимателни, интересот за нови луксузни автомобили во моментов не е приоритет.

Доколку кризата продолжи, производителите би можеле да се соочат со понатамошен пад на продажбата, па дури и да размислат за намалување на производството. За сектор кој зависи од високи маржи и мали, но високо профитабилни пазари, ова претставува сериозен удар.

Извор: forbes.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот