X
 01.03.2017 Живот

Зошто Британците брзаат по германско државјанство?

germanija

Дебатата поврзана со Брегзит во Велика Британија се фокусира на правата на ЕУ мигрантите во земјата, а меѓу нив и 300.000 Германци. Многу луѓе се загрижени за тоа што ќе се случи со нив после Брегзит. Но, како се чувствуваат 100.000 Британци во Германија?

Би-Би-Си известува дека голем дел од нив се обидуваат да аплицираат за германско државјанство. Зошто? Затоа што никој не знае што ќе се случи со нив откако Британија ќе ја напушти ЕУ. Ова не се „странци“ од имагинацијата на таблоидите - со чаша џин во едната рака и голф стапче во другата. Ова се млади хонорарци кои се загрижени дека ако им е потребна виза, нивната работа ќе престане. Или пензионери кои живеат во изнајмени станови.

За многу Британци кои денес стануваат Германци, она што првично започнало како практична одлука за визи и пасоши, неочекувано го продлабочи прашањето за идентитетот. Дали навистина може човек да биде и Германец и Британец? И што значи да се биде Германец?

Не многу одамна, станувањето Германец за Британците неизбежно значеше многу шеги за нацистите, меѓутоа денес Германија почесто се гледа како бастион на толерантни вредности: меѓународна, демократска земја, отворена за имигрантите.

Се разбира, постојат луѓе надвор и во Германија кои ја критикуваат одлуката на Ангела Меркел да им дозволи на имигрантите да влезат во Германија. Но, за оние новите Британци-Германци, кои и самите се имигранти, оваа земја која ги поздравува странците е прилично атрактивна.

Всушност, да се биде Германец „со цртичка“ е релативно нов концепт во оваа земја. Традиционално, германскиот идентитет била етничка идеја, поврзана со крвна линија наместо со местото каде што човек е роден. Затоа порано Америка и Британија биле земји кои многу подобро прифаќале дека луѓето имале слоевити идентитети кои им овозможиле да се по потекло од една земја, а да се државјани на друга.

Но, во текот на изминатите неколку децении, Германија се соочува со тежок и во голема мера успешен процес на редефинирање на она што значи да се биде Германец. Ангела Меркел сега ја нарекува Германија, „земја на имигранти“ - незамислива изјава за централно-десничарски канцелар до неодамна. Денес 20% од Германците се опишани како луѓе кои имаат имигрантско потекло.

Брегзит-Британија и Трамповата Америка се чини дека се движат во спротивна насока. Барем така изгледа од тука. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот