X
 18.09.2018 Наука

Научно толкување: Зошто се случија Брегзитот и Трамп?

Што е основната линија што создава разлики меѓу луѓето низ светот? Дали тоа е поделбата на богати и сиромашни? На Исток и на Запад, рурално и урбано, секуларно и религиозно? Или на глобалисти и националисти - што од овие работи би ги објаснило Путин, Брегзитот и подемот на Трамп? Сите овие разлики се значајни, но ниедна не овозможува доследност во разбирањето на разликите од античкиот период до денес, во сѐ, од меѓународните односи до односите во нашите домови.

Во авторскиот текст за „Гардијан“, Мишел Гелфанд, социјален психолог, професорка по психологија на Универзитетот во Мериленд и авторка, вели дека основниот двигател на разликите не е идеолошки, ниту финансиски, ниту географски, туку културен. Однесувањето зависи многу од тоа дали културата во која живееме е цврста, односно строга или опуштена.

Нејзините истражувања покажуваат дека кога луѓето се чувствуваат загрозено, сакаат „строги“ општествени норми, што остава длабоки последици врз политиката. Тоа е едноставен начин за опишување на силата на општествената норма и строгоста со која се применуваат тие норми. Сите култури имаат норми - правила за прифатливо однесување - што ги земаме здраво за готово. Како деца ги учиме: да не ги земаме работите од рацете на другите луѓе; да се облекуваме. Продолжуваме да усвојуваме нови норми во текот на животот: што треба да облечеме за погреб, како да се однесуваме на рок-концерт, а како на симфониски, и кој е соодветен начин за извршување ритуали, од венчавки до црковна служба.

трамп
Фото: Profimedia


Општествените норми се лепилото што ги држи групите заедно, ни дава идентитет и ни помага да се координираме на единствен начин. Сепак, културите варираат според силата на тоа општествено лепило, со длабоки последици врз нашиот поглед кон светот, нашето опкружување и нашиот мозок.

Строгите култури имаат силни норми и малку толеранција за девијантност, додека оние слободните се спротивност. Во САД релативно „лабавата“ култура повлекува „повредување“ на вообичаените правила на однесување, од расфрлано ѓубре, преминување на улиците на црвено и викање. Од друга страна, во Сингапур улиците се чисти, а кршењето прописи е ретка појава. Или размислете за Бразил, земја со лабава култура, каде што доцнењето на бизнис-состанок е правило, а не исклучок. Всушност, ако сакате да бидете сигурни дека некој ќе биде точен, треба да нагласите да дојде со „британска точност“. Во Јапонија, пак, земја со цврсти норми, ставен е акцентот на точноста, возовите речиси никогаш не доцнат. Ретко, во деновите кога ќе дојде до доцнење, некои железнички компании на патниците ќе им поделат карти што ќе ги оправдаат пред шефовите поради доцнењето.

Откритието вели дека силата на културните норми не е случајна. Иако оддалечени со километри, па ако сакате и векови, цврстите и различните култури како Спарта и Сингапур имаат нешто заедничко: секој се соочува или се соочувал со висок степен на загрозеност, без оглед на природата: болести, катастрофи, недостиг на храна или човечка природа - хаос што го предизвикуваат освојувањето и внатрешните конфликти. Во овој контекст потребни се строги норми за да им помогнат на групите да преживеат. И кога ќе ги погледнеме слободните култури, од древната Атина до модерниот Нов Зеланд, гледаме сосема спротивна шема: уживање во луксуз или соочување со далеку помали закани. Оваа безбедност се користи за да се бараат нови идеи, да се прифатат новодојденците и да се толерира однесувањето. Во контекст на ова, онаму каде што има помала закана, има помала потреба за координација, со што силните норми не се реализираат.

Оваа професорка вели дека културите што искусиле егзистенцијални закани, како глад и војна, фаворизирале силни норми и автократски лидери.

Оваа цврсто-лабава логика се применува и на регионалните разлики меѓу земјите. Се покажа дека американските држави со многу поголеми закани, како природните катастрофи и големата нестабилност во снабдувањето со храна, биле многу постегнати од оние што уживале релативна безбедност. Слично на тоа, заедницата што се соочува со финансиска опасност - глад, сиромаштија, банкрот - е значително поцврста. Ова помага во објаснувањето зошто оние со ниски приходи постојано велат дека им се потребни силни правила и лидери.

Дали е подобро ако општеството е лабаво или цврсто? Одговорот е ниту едно, вели професорката Гелфанд. И двете нудат различни предности и одговорности, во зависност од нечија позиција. Цврстите групи имаат пониска стапка на криминал и стремеж да бидат почисти и покоординирани. Исто така, тие покажуваат поголема самоконтрола: поголема е веројатноста дека ќе имаат помалку проблеми со дебелина и долгови, но и ниски стапки на алкохолизам и злоупотреба на дрога. Лабавите групи релативно се неорганизирани и имаат многу пропусти во примената на регулацијата, но се карактеризираат со отвореност. Многу се потолерантни, креативни и флексибилни. Цврстите групи се помалку иновативни, повеќе се етноцентрични и се поотпорни на нови идеи.

Како што наидуваат на закана, групите се затвораат, стануваат поцврсти. Како опаѓа заканата, така тие се опуштаат. Дури и заканите не мора да бидат реални. Овие експерименти покажуваат дека луѓето, додека ја перципираат заканата, нивната перцепција може да биде силна исто колку и објективната реалност. Заканите доведуваат до желба за посилни правила и послушност кон лидерите, кои ветуваат дека ќе овозможат цврст општествен поредок.

Истражувањето потврдува дека најсилните поддржувачи на Трамп, како и поддржувачите на Марин Ле Пен во Франција, веруваат дека нивните земји се загрозени, без разлика дали тоа е тероризам, имиграција, природни катастрофи или болести. Тие чувствуваат дека нивните земји се премногу лабави и сакаат построги правила и построги лидери. Исплашените гласачи го предизвикаа Брегзитот, како што дојде и до појава на екстремно десничарски политичари во Полска, Русија, Филипини, Австрија, Унгарија, Холандија и во Италија. Цврсто-лабаво е клуч за предвидување на нашите поделби. Со поголема свест за културниот код можеме подобро да сфатиме зошто се однесуваме на начинот на кој се однесуваме - од револуција до војна, од Брегзит до Трамп, вели професорката Гелфанд.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука