X
 04.03.2017 Настани

Ден на читателот

Манифестацијата Ден на читателот посветена на читателите во Република Македонија, што ја организира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, ќе се одржи на 6 март 2017 година со доделување на престижната награда Најчитан автор за 2016 година. 



Во склоп на овој празник на читањето и читателот, за љубителите на пишаниот збор и сите што ќе присуствуваат на настанот, подготвивме богата програма со која сакаме да го поттикнеме интересот за читање, за купување или позајмување книги, како и желбата да се посети некоја од библиотеките во Македонија. Во таа насока, а во чест на Денот на читателот, секој што ќе дојде да го проследи настанот, но и сите учесници во програмата, ќе добијат по една вредна книга како подарок.

Манифестацијата ќе ја отвори д-р Иван К. Заров, директорот на НУБ, а потоа посетителите ќе проследат повеќе интересни содржини предвидени со програмата, меѓу кои: претставување на првиот број на списанието за промоција на издавачката дејност - „Издаваштво“, соопштување на резултатите од Конкурсот за необјавени песни и поетско читање, како и мотивацискиот говор на Коста Петров насловен Како да ја креирате сопствената најдобра верзија. Како еден од најчитаните современи творци во Македонија, кој минатата година го доби признанието Најчитан автор за 2015 година, Петров ќе ја додели наградата Најчитан автор за 2016 година во јавните библиотеки во Македонија. Како и до сега, најчитаниот автор го одредивме во соработка со јавните библотеки во Македонија кои ни ги испратија списоците со пет автори чии книги биле најчесто позајмувани во нивните библиотеки.

Со музички точки ќе настапи дуото Елвис и Мили, а покрај тоа во текот на настанот ќе има и други интересни изненадувања.
Настанот ќе се одржи на 6 март 2017 година, со почеток во 12 часот, во холот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Настанот е отворен за сите што ја сакаат книгата и сите што уживаат во читањето!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Настани