Владата вчера донесе одлука за воведување забрана и посебен режим на движење за граѓаните, односно полициски час од 20 часот до 5 часот наутро, воведувајќи и забрана за посетители и гости во сите угостителски објекти или онаму каде што се врши продажба и подготовка на храна, но и за посета на спортски сали, фитнес-клубови, а во обложувачниците е дозволено само шалтерско работење.
Ги прашавме читателите, преку нашата
фејсбук-страница, што мислат за новите мерки и дали според нив се навремени или задоцнети. Генералната оцена во коментарите беше дека мерките се задоцнети, при што дел од читателите сметаат дека е подобро некогаш отколку никогаш. Дел од нив потсетуваат дека е потребна имунизација на населението против Ковид-19.
-Дефинитивно требаше и порано да се воведат, но подобро некогаш отколку никогаш - напиша една читателка.
Дел од коментарите беа со голема доза на критика за справувањето со пандемијата, па една читателка напиша:
-Ние можеме да „мислиме“ само на „Фејсбук“ и на коментари по портали. А тоа е џабе. Нас никој не нè слуша, што и да мислиме. Ако нè слушаа, или ако барем си го познаваа сопствениот народ колку е недисциплиниран, многу побрзо ќе воведеа карантин и ќе донесеа вакцини, да не дојде до вакви трагични бројки. Ама, ете, не можеме сите да седиме дома и да пишуваме коментари, некои мораат да си играат држава.
Друга посочи и дека за доцнењето на мерките има виновници, но не и одговорност.
-За тоа што се задоцнети, има виновници. Само штета што кај нас не постојат поимите одговорност и срам - напиша читателката.
Читателите предлагаат и воведување онлајн-настава и прашуваат што е со компаниите што немаат воведено сменско работење, а сè поголем број присутни во затворени простории. На тоа некои одговорија со доза загриженост за економската ситуација и губењето на работните места од страна на оние што не се пријавени.
На некои од читателите им пречи што на казината и трговските центри им се дозволува да продолжат со работа, а други, пак, бараа вежбалниците да бидат изземени од мерките. „Утнати! Битно казината и трговските можат да работат“ и „Тотален локдаун во сите сфери требаше уште есента 2020 година. Сега повторно казината ќе работат, а сите други ќе страдаат“ беа дел од коментарите.
Дел од читателите посочија дека младите, и покрај мерките, ќе продолжат да се дружат и дека само имунизација ни е спасот.
-Задоцнето! Треба вакцини! Брза и масовна вакцинација. Сè друго е џабе - е еден од коментарите.
Некои сметаат дека граѓаните што немаат стручно познавање не треба да бидат прашувани за мислење за рестриктивните мерки, на што има одговори дека во демократско општество е нормално секој да може соодветно да си го каже своето мислење, и дека со дискусија се развива свеста, а последниот збор го имаат експертите и надлежните.
Покрај големиот број критики, читатели истакнаа дека би било добро кога нешто се критикува, воедно да се даде и подобро решение.