Тенковите за првпат се употребени на Западниот фронт во 1916 и оттогаш претставуваат единица мерка за борбена моќ на војските и армиите.
Заради тоа војските употребувале различни тактики за измамување на непријателот, на пример, дека поседуваат многу повеќе тенкови отколку што имале на располагање. Една од нив подразбирала изработка на реплики на британските тенкови, кои од далечина изгледале прилично уверливо.
На тој начин, војниците успевале да го оттргнат вниманието на непријателските сили од нивното вистинско вооружување.
Лажните тенкови меѓу двете светски војни биле користени за обука на војниците, а во текот на Втората светска војна нивното производство и употребата го достигнале врвот.
Тајни единици на американската војска составени од уметници, илустратори, радио-оператори и експерти за звук користеле тенкови на надувување, големи звучници и лажна радио-комуникација, со цел да го одвратат вниманието на Германците од Нормандија.
Јапонците своите лажни тенкови ги изработувале од дрво, а два тенка направиле дури и од вулкански песок на Иво Џима.
Лажните тенкови се употребуваат и денес, а ги користи дури и Исламската Држава.