Германците долго време имаат репутација дека се штедлив народ, посветен да заштеди за добри и лоши времиња. Но, од каде доаѓа тој стремеж?
Изложбата во Берлин под наслов „
Штедење – историја на германската доблест“ ја објаснува приказната што стои зад оваа национална опсесија.
Очекувано, не сите луѓе сметаат дека оваа германска навика е доблест. Веќе долго време германската скромност е предмет на шеги, а ригидната фискална политика на германската влада и огромниот трговски суфицит се реализираат и покрај забелешките од Вашингтон и од ММФ.
Станува очигледно дека таквата навика не е случајност. Изложбата открива дека подолго од 200 години банките и индустријата за маркетинг континуирано ја нагласуваат важноста на заштедувањето пари како обезбедување на иднината, поставувајќи на тој начин навидум бескрајна навика која веќе е втемелена во националната психа. Луѓето се повикуваат да се подготват за „мрачниот“ ден со пораки кои се движат од оптимизам до малициозност, купувајќи обврзници за помош на воени активности, но и обврзници за обнова на земјата по две светски војни.
Идејата дека една одговорна, морална личност би требало да штеди пари за да се грижи за себе и за своето семејство како дел од заедничката благосостојба на општеството е всадена во заедничката национална свест во раните години од 19 век.
Банките почнале да ги посетуваат училиштата, а децата се „навлекувале“ да штедат во раните фази од нивниот живот. Набргу државата „скокнала“ на спореден колосек, што резултирало со експлозија на општински банки и штедилници на почетокот на 19 век.
„Владата брзо забележала дека банките за штедење имале повеќе истовремени цели“, истакнува кустосот на изложбата, Роберт Мушала. „Една, за институциите на системот да можат да служат во искоренувањето на сиромаштијата, втора за да помогнат во обезбедувањето на државната контрола, и трета, за да им служи на комуните во нивните потреби за кредити по војните на Наполеон.“
Штедењето исто така се поврзува и со тешките времиња за Германија. Германците биле охрабрувани да купуваат воени обврзници за да ја помогнат државата во текот на Првата светска војна. Менталитетот за штедење продолжил и со повоеното штедење низ хиперинфлација на Вајмарската Република – дури и откако штедните влогови биле избришани во 1923 година, кога германската валута станала безвредна.
Кога Адолф Хитлер дошол на власт во 1933 година, ги бомбардирал Германците со пропаганда дека штедливоста и штедењето се нивна „патриотска должност“ што се спротивставува на „еврејскиот капитал“. Штедењето станало масивно и било искористено за финансирање воени активности, додека германскиот режим им ги конфискувал заштедите на Евреите.
По Втората светска војна рекламирањето на банките почнало да се менува за да поддржува различни и променливи стилови на живот. Од седумдесеттите години од минатиот век рекламите не го промовираат штедењето како некаква морална обврска, туку како навика која ви овозможува да си дозволите работи што ги посакувате.
Дури и ниските каматни стапки последните години не ја намалиле посветеноста на Германците кон штедењето. Музејот наведува дека непогодени со хиперинфлација, со светските економски кризи или историски ниските каматни стапки, Германците долго време ја одржуваат високата стапка на штедење со многу малку отстапувања, и со исклучително слаба реакција на економските или политичките настани.
Токму затоа Германците и натаму штедат.