Било мај во 1925 година кога Виктор Лустиг првпат се сетил на планот кој ќе го направи легенда. Со документите со кои тврди дека е директор на Министерството за пошта и телекомуникации, Лустиг испратил пораки до познати париски бизниси во металната индустрија во кои итно бара средба со нив. Се појавиле шест бизнисмени.
По скапиот ручек и големото количество вино, Лустиг изјавил дека градот Париз ќе ја сруши Ајфеловата кула и ќе го продаде нејзиниот метал. Според него, ова било голема тајна и јавноста не смеела да дознае. Тој ги намамил бизнисмените да понудат повисоки цени за овој вреден договор со владата. Андре Пуасон ја понудил највисоката сума - 70.000 долари (денешни милион долари).
Тоа била голема сума, но Пуасон бил нов во градот и сакал да добие репутација, па решил дека цената вреди. Секако, проблемот бил во тоа што Лустиг не работел за владата.
Лустиг веќе имал минато полно измами. Тој мамел луѓе со пари. Неговата идеја за измамата со Ајфеловата кула пристигнала кога читал статија за споменикот. Во текстот пишувало за високата цена на одржувањето и поправањето на кулата, а се споменувало и нејзиното 'рѓосување.
Лустиг веќе знаел дека Пуасон ќе биде оној кој ќе биде измамен бидејќи знаел дека бил нов во градот и имал пари. Сопругата на Пуасон се сомневала во сето ова. Таа побарала средба со Лустиг, на која тој успеал да ги намами да платат уште повеќе од договореното. Еден час откако ги добил парите, Лустиг го напуштил Париз. Покрај големата сума која ја загубил, Пуасон одлучил да молчи бидејќи парите нема да ги врати, а се' уште сакал да ја гради својата репутација.
Само шест месеци подоцна, Лустиг се вратил во Париз и се обидел да ја повтори измамата. Планот бил ист како порано, но овојпат еден од бизнисмените се посомневал во неговите намери и и' се обратил на полицијата. Лустиг избегал во САД, каде продолжил со своите парични измами.
Некаде пред 1930 година, тој го измамил и најпознатиот гангстер на нашето време, Ал Капоне. Имено, тој го убедил Капоне да му даде 50.000 долари и му ветил дека ќе му врати двојно повеќе за 60 дена. Тој бил запознаен со репутацијата на Капоне, на ги оставил парите во банка 59 дена. Потоа се вратил кај Капоне и му кажал дека не му успеал планот и загубил речиси се', но ќе му ги врати инвестираните пари од свој џеб.
Капоне бил импресиониран од честа на Лустиг и му примил само дел од сумата назад. Лустиг завршил во затвор откако бил фатен за измама со перење пари. Тоа не било крај за него. Тој избегал од затвор, но бил фатен месец подоцна и бил осуден на 20 години во „Алкатраз“. Таму останал до крајот на животот.