X
 07.06.2018 Технологија

Внимавајте, играчи на „Фортнајт“ - на интернет кружи измама поврзана со играта!

Играта „Фортнајт“ за кратко време ги освои гејмерите низ светот, а иако самата игра е бесплатна (нејзиниот „Батл Ројал“ режим), благодарение на купувањата во самата игра, во текот на април биле потрошени речиси 300 милиони долари. Но како што обично и се случува со популарните игри, привлекува и хакери и криминалци кои се обидуваат да си го земат „својот“ дел од големиот финансиски колач.

Целта на нивните измами се младите играчи на „Фортнајт“ и картичките на нивните родители, па во последно време полицијата во Велика Британија бележи сѐ поголем број пријави против овие измамници кои ги празнат банкарските картички на родителите.

fortnajt
Фото: AFP


Измамниците се огласуваат на социјалните мрежи и на „Јутјуб“ и во огласите тврдат дека на одредени интернет-страници бесплатно може да се набави виртуелната валута што се користи во „Фортнајт“ (V-bucks) за купување дополнителни работи, како оружје и алати.

Откако ќе кликнат на огласите, им се отвораат интернет-страниците на кои им се ветуваат бесплатни виртуелни валути, но прво на нив треба да ги остават своите податоци, а измамниците ги користат за пристап на многубројни податоци, вклучувајќи и информации за банкарските картички на играчите на „Фортнајт“.

Од „Епик гејмс“, издавач на играта, се повикуваат сите играчи на „Фортнајт“ да бидат внимателни и напоменуваат дека сите додатоци за играта треба да се преземат и купат само од официјалните страници на „Фортнајт“ бидејќи страниците што нудат „V-bucks“ се лажни и опасни.

Родителите треба да им објаснат на децата за опасностите што им се закануваат на интернет, како и дека таквите понуди во кои им се нуди нешто бесплатно се лажни, односно станува збор за измама.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија