X
 07.08.2019 Технологија

Лажни вести: Како да препознаете која фотографија од Сибир е автентична?

Социјалните мрежи ја олеснија комуникацијата меѓу луѓето, но тие имаат и многу лоши страни. Една од нив е ширењето лажни информации, а тоа неретко се должи и на неинформираност, незаинтересираност, желба за популарност или, пак, едноставно наседнување на нечија шега.

Така, во последно време сè почесто можеме да видиме вести направени од фотографии споделени на социјалните мрежи. Некогаш тие фотографии воопшто не се поврзани со настанот за кој е напишана веста, но тоа останува непроверено.

Еве еден пример. Деновиве вниманието на светската јавност е свртено кон пожарите во Сибир. Оттаму пристигнуваат вести за оган кој зафатил милиони хектари и за голема еколошка катастрофа и на социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии за кои се наведува дека се од Сибир. Најпотресни се фотографиите од изгорените животни.

Погледнете го ова изгорено зајаче. Оваа фотографија масовно беше споделувана на социјалните мрежи, каде што беше наведено дека е направена во Сибир и имаше стотици коментари и реакции. Но, може да направиме мала проверка. Доколку ја видите на „Фејсбук“, кликнете со десен клик над фотографијата и одете на Search Google for image.



Така ќе ви се отвори нов прозорец. Резултатите од пребарувањето ќе ве наведат да помислите дека фотографијата е од февруарските пожари во Бандипур, Индија, а доколку одите надолу, ќе видите и текстови во кои пишува дека фотографијата не е ни од тие пожари, туку од пожарите што ја зафатија Калифорнија во ноември минатата година. Значи, сепак, оваа фотографија, која е навистина трогателна, не е од Сибир.

Секако, ова не ја прави помала трагедијата предизвикана од пожарите во Сибир, ниту пак значи дека не е тажно тоа што некое животно изгорело во пожар на кое било место во светот, но ни служи како пример за она што секојдневно се случува на социјалните мрежи.




Освен на „Фејсбук“, истата опција ја имате и на „Твитер“. И таму можете да кликнете на десен клик врз фотографијата и да одите на на Search Google for image. На пример, можете на овој начин да го пребарате „Гугл“ за оваа фотографија од молњи на „Твитер“ и во опцијата „Сите големини“ да видите дали таа е објавувана на други места и во кое време. Значи, потребни се само неколку клика.



Истата функција ја имате и на интернет-страниците.

Се надеваме дека ова ќе ви помогне да ги препознаете невистинитите информации на социјалните мрежи. А фотошопираните фотографии оставаме сами да ги препознаете.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија