Во нашата агенција на пример се пријавуваат за работа, а 99 отсто од нив одбиваат да ја прифатат кога ќе им ја најдеме. Студентите не сакаат да работат келнери, шанкери, магационери, сакаат канцелариска работа.
Работа во угостителски објекти, кефетерии, ресторани, сервиси за испорака на пратки и храна, супермаркети... Ова се најчестите работни места кои на македонските студенти им нудат поволни и флексибилни услови за работа. Дали се намалува или зголемува бројот на студенти кои работат за време на студиите не може да се потврди со официјални статистички податоци бидејќи државата не води таква евиденција. Факт е дека ова е позитивен тренд, кој не само што ги учи младите на стекнување искуство, работна етика, самодоверба и трудољубивост, туку исто така е голема помош и за родителите.
- Не чекаат сите мама и тато да им дадат пари да си го платат уписиот на семестар или пријавувањето на испит. Сите мои пријатели кои студираат исто така и работат. Не знам точна статистика, но знам многу студенти во земјава кои работат - вели Петар Василевиќ, студент во втора година на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Тој само што се запишал на факултет почнал да бара работа. Сменил неколку работни места, а во моментов работи во сервис за достава на храна во Скопје.
- Работев на неколку места, но тука ми е најубаво. Во супермаркетите врзан си за фиксно работно време, а тука ми излегуваат во пресрет кога треба да одам на предавања или испит. Имаат разбирање дека сум студент - вели Петар.
Инаку, тој студира на насоката бизнис логистика и вели дека работното искуство му е многу важно додека му траат студиите.
- Се чувствувам убаво со свои пари во џеб, колку и да се. Работам прво заради самостојност, но и да помогнам дома. Учам за работна етика, за бизнисот, сите луѓе што ги среќавам и искуството се дополнителна добивка за мене- вели тој.
Златица Петровска студира на два факултети, и работи за цело време додека и траат студиите. На социологија е пред дипломирање, има само уште еден испит, а втора година е на туризам на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Сега работи во ресторан.
- Студирам шест години и цело време работам. Наскоро ќе завршам социологија, а се решив и за втор факултет за да имам поголеми шанси за подобро вработување. Сум работела во многу кафулиња, ресторани. Сè поголем број на студенти рабиотат и тоа е секако за поздрав - вели Петровска.
И Златица и Петар наоѓаат време за учење, работа и секако за дружење и социјален живот.
- Нема никаков проблем ако добро се организираш и секако ако имаш поддршка од работодавците. Јас на пример не студирам вонредно, испитите се најчесто наутро, имам предавања на кои мора да сум присутен. Но, на работа имаат слух за моите потреби. Затоа не може да се работи било што и било каде додека се студира. Добро би било да се направи некоја државна стратегија, работата да се плаќа по час, а и самите коимпании да се стимулираат да отвараат работни места само за студенти - вели Петар.
Разговараме и со неколку сопственици на кафулиња кои ни потврдија дека голем дел од нивните келнери, шанкери се студенти.
- Реално на нив најмногу им одговара оваа професија. Најчесто ми бараат да работат втора смена, за да може да одат на факултет - вели сопственик на кафуле.
Раде Ненадиќ, сопственик на Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, ни вели дека иако нема официјални податоци, смета дека мал број на македонските студенти работат, што не е случај со високоразвиените земји.
- Сметам дека студентите се едни од најмрзеливите категории на граѓани во нашето општество. Моето искуство ми го кажува тоа. Во нашата агенција на пример се пријавуваат за работа, а 99 отсто од нив одбиваат да ја прифатат кога ќе им ја најдеме. Не сакаат да работат келнери, шанкери, магационери, сакаат канцелариска работа. Инаку, нема никакви законски пречки студент да не може да биде вработен, па дури има можности да работи неколку часа во денот - објаснува Ненадиќ.