X
 06.04.2017 Култура

Завршил на суд заради „лајк“ на Фејсбук


Фајсбук профил на лаптоп
(Фото: Profimedia, Alamy)

Маж од Цирих е обвинет за клевета затоа што реагирал со „лајк“ на антисемитски статус кој бил објавен на Фејсбук. Ова веројатно е првиот случај на тужба за невербална реакција на социјалните мрежи.

Сè уште се кршат многу копја за активностите по социјалните мрежи, околу тоа што смее а што не смее да се објавува и колку смее отворено да се коментира и критизира. Голема улога во оваа дилема играат и социјалните мрежи, кои автоматски ги блокираат неприличните  фотографии или говорот на омраза, но заради јазичните бариери често пати личните навреди поминуваат „под радарот“.

Во Швајцарија моментално е тема првото судење заради „лајкување“ на Фејсбук. Како што пишува „Локал“, 45-годишен маж е обвинет за клевета затоа што реагирал со ваков знак на одобрување на статус во кој тужителот се обвинува за антисемитизам.

Имено, оваа „онлајн“ драма се случувала меѓу членовите на разни организации за заштита на животните. Претседателот на една од нив, Ервин Кеслер, бил нападнат за антисемитизам и расизам. Обвинетиот маж пак, без никаков коментар, ставил  осум „лајкови“ на таквите коментари, во кои се тврдело дека Кеслер е расист со оглед на неговата блискост со неонацистите во минатото.

Адвокатите на Кеслер тврдат дека лицето кое ставало „лајкови“ придонело за поголема видливост на објавата, со што му нанел штета на Кеслер.

Сега медиумите во Швајцарија јавно го отвораат прашањето дали воопшто е можно да се тужи некој затоа што со симбол реагирал на објава или пак ја споделил?!

Пред една година судот отфрлил една слична тужба против лице кое на Твитер споделило туѓа навредлива објава. Тогаш судот сметал дека споделувањето (share/retweet) не е казниво  и дека единствено авторот на оригиналниот статус би можел да биде гонет според закон. 

Овој случај покрена голема расправа во државата за тоа кој треба да се смета за одговорен за онлајн содржина и до каде достига загарантираната слобода на говор. Многумина се загрижени дека премногу строгите рестрикции можат да водат кон непосакувана контрола на слободата.

На ова поле со сигурност предничи Русија каде само во 2015 година, 54 луѓе завршиле во затвор заради споделување или објавување на „говор на омраза“. Андреј Бубеев бил осуден на повеќе од две години затвор заради неприлична содржина на социјалните мрежи. Меѓу „неприличните содржини“ била посочена и една фотографија од паста за заби, која ја направила неговата сопруга, а тој ја искоментирал: „Истиснете ја Русија од себе!“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура