X
 07.04.2017 Култура

Паралела

Медиумите и социјалните мрежи се преполни со различни изјави, реакции, информации и дезинформации како и лажни вести. На прв поглед може да се заклучи дека едните се многу паметни и сѐ им е јасно, а другите се бранат ширејќи лажна пропаганда.

Ако влеземе во подлабока анализа, од информациите кои се достапни работите стануваат уште покомплицирани. Турскиот тек навлегува во гоеполитички води, селективното владеење на правото ги руши основните демократски права на секој поединец, корупцијата ја има и ја имало секогаш и сегде (и во вечни векови, амин :)), историјата на земјата вели дека преродбениците се создатели на нашата нација, а некој успева дури и тоа да го оспори итн итн.

Во тие услови, човек може само да седи од страна и да навива, дали за едните или другите, или ништо да не превзема бидејќи е укочен од недостигот на вистински информации. Секако свиркачите ја сменија играта и ние не знаеме како да се снајдеме.



Не би ги коментарал актуелните случувања, туку би се навратил на две книги кои се спротиставуваат една на друга со своите изворни идеи.

Имињата на книгите ќе ги препознаете во текот на текстот или на крајот.

Во првата книга (од дваесетите години на минатиот век) се опишува начинот како една разрушена и воено поразена земја, каде народот е понижен и депримиран, со упорно и сесрдно залагање на сите чинители во општеството може да излезе и од најтешките маки. Се воспоставува систем каде сите почнуваат да работат. Се воведуваат првите работни акции и се градат патишта. Се мисли на иднината на земјата. Младите масовно почнуваат да спортуваат како би го зајакнале својот физички изглед и на работните акции постигнуваат извонредни резултати. Земјата ги субвенционира компаниите и се воведува национален социјализам. Државата ги повикува луѓето да не чекаат што таа може да направи за нив, туку сами да се запрашаат што можат да направат за неа. Тоа предизвикува невиден одек во јавноста. По теркот на Католичката црква мобилизацијата е фантастично успешна. Сите стануваат и се ангажираат во изграадба на државата.

Резултатите кои оваа политика ги постигнува во првите 5-6 години од владеењето се запрепастувачки високи. Земјата излегува од криза, ги прекинува меѓународните репарации со кои е задолжена, и претставува пример за другите земји да го следат нејзиниот пат. Симпатиите се освојуваат од сите страни. Дури и од Британија и Америка.

Ненапишаниот дел од Мајн Кампф подоцна го видовме.



Втората книга се заснoва на Човекот.

Во своето високо интелектуално дело “Воен пилот”, Сент-Егзипери (писателот на Малиот Принц) ја разгледува нашата цивилизација. Ја разглеува историски и хуманистички. За време на едно прелетување со борбен авион, над подрачја под постојан оган за време на втората светска војна, тој успева да сфати и да разбере одредени вистини кои во мирнодопски услови на луѓето кои размислуваат, би им требало неколку години.

Неговите другари гинат. Гинат селани, гинат граѓани. Гинат стопедесет илјади Французи. Останатите кои преживеале се иселуваат. Се иселуваат не знаејќи каде одат.

Воениот пилот не знае кој пат да го одбере. Соочен со стравот од смртта тој механички ги извршува командите одговарајќи “Разбирам Команданте”. Потребен е тој лет, тој навидум залуден лет каде соочен со смртта, нему му поминува пред очи не само својот живот, туку и разојот на целата наша цивилизација.

Разгледувајќи ја религијата, тој вистински ги разбира Христовите страдања. Тие се резултат на гревовите на сите луѓе.

Секој човек во себе ги носи сите гревови на сите луѓе.

Поаѓајќи од хуманистички причини, како продолжение на Христијанстовто каде милосрдието и саможртвата го наоѓаат својот смисол како највисоки човечки доблести, доаѓа до заклучок дека сите луѓе треба да се саможртвуваат како би се сочувал Човекот.

Како и дрвото. Независно од своите корени кое се различни, преку хуманизмот ние можеме да пуштиме гранки кои ќе пораснат високо и широко.

По примерот на слеп човек кој се движи кон огнот, а не знае каде точно се наоѓа и сепак успева да стигне, Сент-Егзипери го објаснува Суштественото. Суштественото е она нешто, што е над логиката. Тоа е онаа нишка која сите ја знаеме, но можеме и да ја изгубиме кога претерано размислуваме. Суштественото е она што не прави луѓе. Суштествоното се спознава кога духот ќе надвладее со разумот.

Во друг пример појаснува, зошто би се сто рудари симнале во затрупаното окно да го извадат едниот кој е затрупан. Зарем вреди да се жртвуваат сто души како би се спасила една?

Кога луѓето ќе го разберат Суштественото, а тоа е акцијата преку милосрдието и саможртвата, во секој поединец ќе се оствари можност да се воздигне човекот. Само тогаш во секој од нас ќе може да се развие Амбасадор кој ќе биде претставник на хуманото општество во кое владее слободота.

Сент-Егзипери заклучува дека е лесно да се креира послушна маса од поединци собрани во колектив. Тешко е да се создадат слободни луѓе, каде секој поединец ќе претставува Амбасадор на Човекот.

Што може да направи 40 милионска селанска Франција која е нападната од 80 милионска индустриски развиена Германија, која е побројна и воено супериорна?

Егзипери резимира дека за да се сочува највредното, човечкото во секој од нас потребен е ангажман од сите. Не останува ништо друго, но сите да се втурнеме во борба за највредното и најсветото нешто, а тоа е да се одржи состојбата во која, сега и во иднина, на најдобар можен начин би можело да се развива човечкото во секој од нас.

Пишува: Мирко Тодоровски

Сите колумни на Мирко на овој линк.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура