Некаде отприлика пред десетина години, со жена ми бевме на одмор на Тасос.
Со мене земав книга за читање која ми ја препорача кумот. Книгата е „Хај фиделити“ од Ник Хорнби и првпат се сретнав со овој многу интересен и живописен писател. Тогаш имав 35 години, а главниот јунак и дејството во „Хај фиделити“ се погоди со мислите и моето однесување од тоа време (што може да се каже дека трае до ден денешен).
Во книгата авторот ја објаснува претерано долгата младост и интересирање за музика на главниот јунак (што е можеби и автобиографски портрет) за тоа што се нарекува рокенрол.
Тасос е преубав остров. Водата е толку бистра што Национална географија (National Geographic) оди редовно на посебни локации да снима документарни емисии за убавината на тие води. Тиркизната боја и камењата што лежат на дното, потсетуваат на одлежани мисли кои поминале бескрајни бури низ животот.
Една од главните поенти на книгата со која многумина ќе се поистоветaт е дека не е битно „каква музика слушаш“ - иако во младоста сите сме се воделе по таа идентификација, туку „каков човек си станал“. Но, додека да стигнеме до финалната поента на книгата, да ги разгледаме мислите кои се пројавуваат читајќи.
За почеток не сум сигурен што би рекол Џони Штулиќ на темата со неговото познато:
„Велат дека вкусот е карактер,
а карактерот судбина,
па што имам јас во сето тоа
баш би сакал да знам“.
Занесен во дејството на книгата изгорев на сонцето, дури и не приметувајќи ги Англичанките кои топлес се бањаа во плиткото.
Враќајќи се од плажа накај соба поминувавме преку повисок брег од каде убаво ги гледав камењата во водата. Камењата ги има во најразлични големини. Поголемите лежат спокојно на дното, а изгледаат како да се поблизу до површината, додека помалите се наведнале врз или се потпреле до поголемите и не може да не ви помине низ глава дека оваа паралела важи и за животот и за луѓето.
Воден од книгата, пробав да направам список на луѓе кои успеале позитивно да влијаат врз народот или успеале на одреден начин да инспирираат други луѓе да се обидат да направат нешто (во кое несомнено се добри) за да го постигнат својот максимум и остварат својот потенцијал.
И така, мене низ глава ми се вртеше само една мисла. Кои се групите и музичарите кои оставиле најголем придонес во светскиот рокенрол и инспирирале други помлади да продолжат по тој пат.
Прв на листата секако e Џон Ленон. Но, како што би рекол и тој самиот: „Пред Елвис немаше ништо“!!!
На прво место значи, сигурно ќе го поставам кралот Елвис Присли, иако пред него, сите ние, ги познаваме Литл Ричард, Чак Бери и Џери ли Луис, како и другите од 50-ти, но и Синатра со Дин Мартин и Хари Белафонте. Нема да го заборавиме и сиот тој џез кој е „бит-но“ опишан од Керуак во „На пат“, а исто и оној црнечки блуз од почетокот на 1900-тите години чија атмосфера провејува низ книгите на Стивен Кинг.
Битлси, Битлси... Па Битлси се секако првите и најважни за масовната прифатеност на оваа музика кај тогашната генерација млади, а подоцна и кај сите генерации низ целата планета. Секако тука се Ролинг стоунси. И ние до ден денес треба да внимаваме каков тоа свет му оставаме на Кит Ричардс :).
Во 60-тите постојат и Кинкс и Ху, а и сите бендови познати од Вудсток на чело со Џими Хендрикс. Лос Ангелес е сцената каде се појавува Џим Морисон со неговата поезија и харизматичен изглед, толку важен за вистински фронтмен од тоа време. Стварно е импресивно како млад дечко на 25-26 години изгледа така зрело!
Во рокенролот има повеќе гранки кои се разгрануваат, но постои една убиствена која осушува, а тоа е правецот кој го воведуваат можеби најкомерцијалните претставници на музиката: Пинк Флојд, Лед цепелин, Дип парпл а потоа и Блек сабат кои продолжуваат во хард рок и хеви метал поради кои, Господ да чува Вајтснејк постојат дури до ден денес.
Но, од друга страна тука е маестралната Америка со Њујорк и Велвет андерграунд, како и Деторит со Стуџис и Иги Поп.
Медитирајќи во лотус поза на брегот добивме и убав комплимент од една комшика од Србија. „О извинете Македонци, ние мислевме дека сте Чеси“ ( а не носев бели чорапи на сандали :).
Подоцна во Њујорк се појавува и клубот СИБИЏИБИ (CBGB) во кој се изродија сите претставници на модерниот звук. Продолжувајќи по патот на Стуџис и Иги Поп, во СИБИЏИБИ се раѓа алтернативата на досадниот британски квази блуз кој полека замира. Тука се на прво место Рамонси, а потоа и Блонди, но и Токинг хедс како и многу други.
Во Британија при крајот на 60-ти и во текот на првата половина од 70-тите единствен вреден за спомнување е Дејвид Боуви кој успева да се оттргне од досадните канџи на глам рокот.
Сето тоа трае до 76-та кога се појавуваат Секс пистолс и панкот како амплитуда на музиката. И покрај идиотскиот проглас на Малком Мекларен дека сега секој кој не знае да свири, може да земе гитара во рака (што влијае многу лошо врз младите кои реагираат на тоа мислење) сепак најсветлиот претставник на панкот, Џон Лајдон (Џони Ротен), може со сигурност да се вброи меѓу поголемите интелектуалци на 20-тиот век. Панкот продолжува да комбинира со реге и ска и преку Клеш и Спешлс го добиваме познатиот англиски искршен и џангл бит.
Во 1980-тата се јавува Манчестер. Џој дивижн се главни претставници на звукот на 80-тите и ќе прераснат во претставници на пост панк и готик движењето. Џој дивижн преоѓаат во Њу ордер, после трагичниот настан со самоубиството на Иан Кертис, а во Манчестер се формираат Смитс. Дуото Морисиј – Џони Мар ги содтига височините на Ленон-Макартни и Џегер-Ричардс.
Во меѓувреме од Даблин пак, надалеку се слушаат У2, а во Сиднеј се формираат Брдеј парти. Ник Кејв продолжува со Бед сидс и фала Богу траат до ден денес.
Новиот романтизам ќе го прескокнеме во оваа прилика и доаѓаме до Пиксис и Нирвана како единствени претставници на убавиот гранџ.
Во 90-тите доаѓаат техното и електрониката, кои во прво време преку Продиџи нудат оптимизам дека новата технологија ќе произведе групи и музичари кои ќе ги спојат панкот, хипи и рејвот во едно што ќе трае со години. Но тоа не станува случај. За оваа музика некој друг може да се јави за збор, бидејќи да се немало песна и нумерите да се нарекуваат трака е малце превише за мој вкус.
Мислам дека рокенролот се базира на концептот песна (иако некои би се согласиле и со албум).
За крај би завршил во стилот на Џим Кер кој толку убаво ја води Фејсбук страната на Симпл мајндс и би поставил прашање.
А кои се Вашите фаворити ?
Завршувајќи ја книгата, се сложив со авторот дека не е толку важно кој каква музика слуша, туку навистина каков човек станал. Но сепак, зар не мислите дека музиката е преинтересна за туку така да се остави настрана.
Што би рекле Ролингстонси – It’ only rock’n’roll but I like it
Пишува: Мирко Тодоровски
Сите колумни на Мирко на
овој линк
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.