X
 06.04.2024 Живот

Дали знаете зошто во трговските центри нема часовници?

За некои омилено хоби, за други нужно зло: ретко кој не поминал неколку часа шетајќи низ трговските центри. И многумина веројатно го изгубиле чувството за време. Но, дали некогаш сте забележале часовник во некој од трговските центри?

Одговорот веројатно е не. Трговските центри се едно од оние места каде што времето едноставно „испарува“ и каде што 20 минути може лесно да се претворат во повеќечасовно трошење пари.

Всушност, постои причина зошто часовниците се толку ретки во трговските центри, а тоа е мал трик наречен темпорална дисторзија. Односно, тоа е чин на менување на перцепцијата на човекот за времето.

Како функционира и дали го тера човекот да троши повеќе пари?


- Отсуството на часовници во трговските центри е внимателно изработена стратегија, длабоко вкоренета во психологијата на потрошувачите. И сето тоа е смислено за да го продолжи вашиот престој, а со тоа и вашето трошење пари. Трговските центри се дизајнирани да бидат независни универзуми каде што суптилно се манипулира концептот на време. Намерното избегнување на часовниците е стратешки елемент на психологијата на околината, чија цел е да ве одвои од текот на времето. Колку подолго ќе останете во оваа состојба, толку е поголема веројатноста дополнително да купувате - вели психологот Лаура Гејге.

Но, тоа не е единствената практика што ја користат трговските центри за да ве привлечат: исто така, тие создаваат одреден вид атмосфера со контролирано осветлување, температура и музика. Овие сензорни знаци се дизајнирани да го подигнат вашето расположение, да го намалат стресот и суптилно да ја поттикнат потрошувачката.

Техники за привлекување купувачи

Јавна тајна е дека продавниците и супермаркетите користат техники за да ги наведат луѓето да трошат повеќе пари. Дали некогаш сте се запрашале зошто во продавниците често свират опуштени мелодии и песни?

Тоа е всушност психолошка техника.

- Супермаркетите обично пуштаат побавна музика за да создадат мирна атмосфера, држејќи ве во продавницата што е можно подолго - рече Ричард Прајс, експерт за заштеда на пари и директор на онлајн супермаркетот „Бритсуперстор“.

Исто така, низ годините, количките за пазарење станаа поголеми за потрошувачите да ставаат што е можно повеќе производи. Колку е поголема количката, толку е поголема веројатноста дека на крајот ќе потрошите повеќе.

И, сосема е вообичаено поскапите производи да се ставаат на полиците на ниво на очите. За да најдете поевтини алтернативи, само погледнете малку повисоко или пониско.

Извор: N1info.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот