Дали некогаш сте се запрашале зошто Швајцарија не е дел од Европската унија? Токму ова прашање беше поставено на страницата „
Квора“, каде беа понудени и неколку одговори, а наједноставниот е - затоа што Швајцарците не сакаат.
Во 2001 година 76,8 отсто од Швајцарците гласаа против приклучување во ЕУ, а расположението не е многу променето. Швајцарците гласаа за неколку мерки кои им се од корист за да им помогнат да ја интегрираат економијата со ЕУ, но секој обид за создавање на поблиска политичка унија наиде на непоколебливо спротивставување, наведува Ник Горбикоф во својот одговор.
Тој понатаму додава дека има неколку причини за ваквото однесување:
- Швајцарците имаат долготрајна традиција на неутралност и немешање во европската политика, која добро им служеше во текот на изминатите векови, со исклучок на периодот на Наполеоновите војни;
- Швајцарците се поконзервативни;
- Во Швајцарија има регрутација и поголемиот дел од Швајцарците или служеле во армијата или минале преку алтернативна служба. Мислам дека ова е важно затоа што луѓето кои служеле се поконзервативни во нивниот приод до политиката и интеграцијата генерално;
- Швајцарците изгласаа неколку мерки за да ја запрат дополнителната имиграција и да ги вратат квотите за имиграција. Кога би биле дел од ЕУ, тоа би значело дека би морале да ги отстранат тие квоти и да ја следат ЕУ;
- Швајцарскиот банкарски систем моментално е многу независен. И додека стана малку поотворен под притисокот од САД и ЕУ, станувањето дел од ЕУ би значело промена и на банкарските закони;
- Швајцарскиот франк е една од најстабилните валути во светот. Зачленувањето во ЕУ би значело и станување дел од еврозоната. Неодамнешните настани со Грција покажаа како една земја-членка може да ги погоди и другите. Не заменувате нешто толку добро како швајцарскиот франк за нешто што може да биде нестабилно како еврото поради еден неодговорен член. Ако Швајцарците ја имаа белоруската рубља за нивна валута, тогаш ќе беше друг муабет;
- Станувањето дел од ЕУ би значело напуштање на неутралноста и учество во воените акции на ЕУ ширум светот, макар и ако тоа се само симболични мисии.