X
 27.05.2022 Образование

Најмногу млади со високо образование во ЕУ има во Луксембург, најмалку во Романија

Во 2021 година 41 отсто од жителите на Европската Унија (ЕУ) на возраст помеѓу 25 и 34 години имале завршено високо образование, покажуваат податоци од „Еуростат“.

Гледано по пол, процентот е поголем кај жените (47 отсто) отколку кај мажите (36 отсто). Иако е забележан постојан раст во процентот на мажи со високо образование во последните 10 години, тој е побавен отколку кај жените, па затоа разликата помеѓу половите се проширила.


Фото: Eurostat

Членките на ЕУ имаат цел да го зголемат процентот на млади луѓе со завршено високо образование на 45 отсто до 2030 година. Речиси половина од нив веќе ја постигнале оваа цел, меѓу кои и Луксембург, Кипар, Холандија, Франција, Шведска, Данска, Словенија и Португалија. Во Луксембург и во Ирска над 60 отсто од младите жители имаат завршено високо образование.

Од друга страна, најмал процент на млади лица со високо образование има во Романија (23 отсто), Италија (28 отсто) и Унгарија (33 отсто).

Кога станува збор за другите возрасни групи, 37 отсто од жителите на ЕУ на возраст помеѓу 25 и 54 имаат високо образование. За групата од 55 до 74 години процентот е 22.

Извор: Eurostat
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование