„Фејсбук Лајв“ веќе некое време е популарна платформа за преноси во живо на социјалната мрежа, а наскоро ќе ја воведе опцијата за приватен „чат“ за време на преносот. Досега, имавме можност во живо и јавно да ги коментираме преносите на „Фејсбук“, а сега ќе има и опција за креирање посебен „чат“ во кој ќе може да се разговара со одбрани пријатели и да се разменуваат приватни коментари додека трае видеото.
Станува збор за две нови опции кои наскоро би требало да станат широко достапни:
Live chat with friends и
Live with. Како што стои во објавата на „Фејсбук“, намерата е да се создаде чувство на поголема близина со пријателите.
Live chat with friends е приватен „чат“ во кој можете да ги повикате пријателите со кои сакате да прокоментирате некое видео во живо.
Работата е многу едноставна; додека го гледате преносот, имате опција да повикате пријатели во приватен „чат“ при што ќе можете да го коментирате видеото само со одбрани корисници. Со други зборови, вашите коментари ќе ги гледаат само пријателите кои се вклучени во разговорот. Откако видеото ќе заврши, коментарите ќе се претворат во групна порака на месинџер.
Live chat with friends моментално се тестира на неколку пазари.
Live with е понапредна услуга и е наменета за оние кои сами вршат видео преноси. Додека го пренесувате видеото во живо, ќе можете да ги повикате своите пријатели како гости, чијшто пренос ќе им се појави на помал екран во рамки на вашиот кој е поголем.
За да изберете некој пријател да ви гостува во вашиот пренос, едноставно изберете го името од листата
Live viewers, каде што е наведено кој во моментот го гледа вашето видео. Пријателот може и да ви го одбие повикот.
Live with во моментот е достапна за користење на сите профили и страници на
iOS уредите.