X
 27.05.2017 Култура

Мистериозните „морски народи“ и егејската апокалипса


Рамзес Трети во борба против Морските народи

Пред повеќе од три илјади години, спокојството на напредните цивилизации било нарушено од страна на природата. Населението во источниот дел од Медитеранот се соочило со воини кои и денес се нарекуваат „морски луѓе“. Тогаш почнува нивната верзија на апокалипсата.

Медитерански мир


После мировната спогодба од Кадеш помеѓу Египет на чело со Рамзес Втори и Хетитската држава која се простирала во Мала Азија, на подрачјето на источниот Медитеран завладеал мир. Заедно со другите две цивилизации од тој дел на светот, Минојската во Грција и Хананската на подрачјето на Палестина, го сочинувале големиот трговски квартет на Средоземното Море.

Всушност, да не постоеја  Асирските експанзионистички стремежи, кои од година во година навлегувале сè подлабоко на Хетитската територија, тој период би можел да се нарече период на апсолутен мир и просперитет. Трговијата цветала, културата се развивала, архитектурата напредувала. Тоа биле идеални услови за неочекуван пресврт.

Самрак на цивилизациите


Низата настани кои и денес ги збунуваат историчарите, се случил на почетокот на 12 век пред новата ера. Во следните неколку децении, Хетитската, Минојската и Хананската држава, но и нивните култури, ќе исчезнат, а Египет, единствената држава која го преживеала овој период, ќе претрпи големи штети од кои никогаш повеќе нема да се опорави.

Уште во 19 век археолозите пронашле непобитни докази за масовно уништување на градовите во поширокиот регион од источниот Медитеран. Од  1250 до 1150 година пред нашата ера, бројот на уништени градови се мери со десетици, меѓу кои Теба, Микена, Пилос, Кносос, Троја, Милет, Хататис, Угарит, Кадеш и Библос.

Уништување од вакви размери е незабележано во историјата и пред и после тој период, а теориите за причините за исчезнувањето на цивилизациите, се бројни.

Најверојатно, природата, пред сè, ги вмешала своите прсти. Археолошките ископувања покажуваат дека повеќето градови биле уништени од природни катастрофи, кои најверојатно биле поврзани. Научниците од 19 век први предложиле теорија за огромен земјотрес кој истовремено уништил бројни градови, меѓусебно оддалечени со илјадници километри, но оваа теза не може да објасни како е можно при ист земјотрес да страдаат и крајбрежните градови, исто како и оние во внатрешноста.

Денес е поприфатлива теоријата за низа земјотреси, кои меѓусебно биле поврзани. Но, особено интересни се пронајдните египетски хиероглифи кои ја опишувале осмата година од владеењето на Рамзес Втори, кои откриваат инвазија на Медитеранот од  дотогаш невидени размери!

Страв од морската ширина

Наезда на народи, војски или групи на луѓе кои историчарите ги нарекуваат Морски народи, во потполност ја изменила сликата на тогашниот свет. Тие се споменуваат во античката историја, како и во други историски записи, но се споменуваат и во Библијата. Сепак, никој за нив немал  точно име.

Називот Луѓе од морето прв го востановил египтологот Емануел де Рог, кој читајќи ги египетските таблици наишол на опис на борба меѓу силите на Рамзес против „дојденците“.  Ваквиот начин на именување зборува колку малку се знаело за потеклото на тие луѓе, што отвори простор за многубројни, фантастични теории.

Никој не знае ни кога, ни од каде се појавиле. Зад  себе оставале пустош, а  ретко кој преживеал за да зборува за нивните постапки. Најстариот запис каде директно се споменуват потекнува околу 1200 година пред нашата ера, кога хетитскиот владетел Амарупи побарал помош од кралот на Алезија за спасување на главниот град Угарит, што бил жестоко нападнат од Морските луѓе.

Крваво копно

„На патот по кој поминале Морските луѓе, од грчките брегови на Егејското Море па сè до Египет, зад себе оставиле само прав и пепел.“

Уништувачката сила која ја истурале врз градовите, била застрашувачка. По Грција, Кипар, Родос, Мала Азија и Блискот Исток, се чини дека достоен противник нашле дури во Египет.  Ако може да се верува во пропагандната машинерија на Рамзес Трети, Египјаните ги победиле Морските луѓе во четири битки, и на море и на копно.

Победите на Египет биле „пирови“, така што се чини дека оттогаш почнал милениумскиот пад  на египетската цивилизација.

Историјата никогаш со сигурност не го утврдила нивното потекло и идентитетот, што оставило простор за појава на многу различни теории: од остатоци од грчките војски кои се занимавале со гусарење, преку можна италијанска наезда, до поминување на источноевропските народи низ Босфорот. Но има и теории  кои тврдат дека станува збор за масовна миграција на населението околу Дунав, па дури и  наезда на антички Викинзи.

Сите овие теории опстојуваат и денес затоа што се базираат на повеќе или помалку сериозни претпоставки, со огромен недостаток на докази за кое било тврдење.

Падот на Колос

Егејската апокалипса го променила светот каков што бил дотогаш. Последиците биле поразителни и за општеството, но и за културата. Трговските врски биле прекинати, културната размена престанала, писменоста се намалила, а квалитетот на животот опаднал во целиот регион. Ефектите биле слични како при паѓањето на Рим, односно Западното Римско Царство, па затоа и овој период се нарекува мрачна доба.

Но, историјата продолжила по својот тек. После овој темен период кој траел неколку векови, се создале услови за нова ера на просперитет. Егејската апокалипса, иако како настан сè уште е обвиткана со превез од мистерии, отворила пат за настанок и развој на следни цивилизации кои ќе го обликуваат светот: класичната Грција и античкиот Рим.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура