X
 09.06.2017 Култура

Ноам Чомски: „Реквием за американскиот сон“


Ноам Чомски
(Фото: Flickr)

Во книгата „Реквием за американскиот сон“ за нееднаквоста на приходите, Ноам Чомски ги разоткрива клучните актери на неолиберализмот и нуди јасен, студен и трпелив увид во непобитните економски факти. Кои се десетте принципи на концентрацијата на моќта и богатството кое денес го наоѓаме во Америка? Тие принципи се многу јасни: сузбивање на демократијата, обликување на идеологијата, редизајнирање на економијата, префрлување на товарот врз сиромашните и средната класа, удар врз заемната човекова солидарност, дозвола за регулаторите да работат за сопствен интерес, изборен инженеринг, употреба на стравот како државна сила за да се држат масите под контрола, производство на согласност и маргинализација на народот.

Во книгата Чомски го разработува секој од овие принципи поединечно и темелно, нудејќи дополнителни извадоци од други важни текстови кои влијаеле врз неговите заклучоци.

„Да се потсетиме: во педесетите и шеесеттите години немаше финансиски кризи, затоа што регулаторниот систем  „Њу дил“, сè уште беше во сила. Како што истиот се раствораше под притисок на деловни и политички структури, забрзано следеа пропасти. Почнаа во седумдесеттите со појавата на дерегулацијата, за во осумдесеттите да станат вообичаеност.

Да го земеме за пример Реган... На почетокот на 80-тите, САД западнаа во најдлабоката рецесија од Големата депресија наваму, од која се извлековме со разни облици на државни финансиски субвенции. Во 1987 година, се случи уште една пропаст – или нешто налик на тоа – Црниот понеделник. Всушност, Реган го заврши својот мандат со голема финансиска криза, штедно-кредитна криза, и државата повторно интервенираше – со субвенции.

Штедно-финансиската криза беше нешто поинаква од финансиската криза во 2008 година, затоа што тогаш на виновниците им беше судено. Тогаш на судските процеси можеше да се чуе за разни малверзации и системски предводени финансиски  трикови и измами. Но, не и во двеилјадитите. Моќта толку многу се концентрираше, што банките беа „не само преголеми за да пропаднат“, туку, како што еден економист убаво кажа, „премногу големи за да одат во притвор“.

Единствените криминалистички истраги кои беа спроведени се однесуваа на трговијата со класифицирани информации, при што главниот криминал беше штетата кон туѓи бизниси..., но кога стануваше збор за грабеж на народот, тоа не се казнуваше.

Дерегулацијата продолжи и во време на Клинтон, кога се случи голем технолошки напредок. Но, на крајот на деведесеттите, се создаде нов балон што пукна, овој пат поврзан со големите интернетски компании, таканаречени „дот-ком“ компании. Во 1999 година, регулацијата со која комерцијалните банки беа издвоени од инвестициските, беше укината.

Кога Буш беше на власт, се случи голем градежен „бум“ , при што политичките економисти не го забележаа, или пак го игнорираа, дека се создаде балон од 8 милијарди долари, кој немаше никаква врска со реалните цени на недвижностите. Се разбира, тоа пукна во 2007 година, кога исчезнаа неколку милијарди долари капитал – лажно богатство. Тоа доведе до најголема финансиска криза по Големата депресија. Тогаш прво Буш, а потоа и Обама, интервенираа и ги реконструираа најголемите финансиски институции – истите оние кои ја создадоа таквата ситуација, а сите останати ги оставија да се снаоѓаат како знаат и умеат... И сето тоа помина неказнето, а истите луѓе сега работат на создавање на нова финансиска криза...

... Секогаш  даночните обврзници се повикуваат финансиски да ги извлечат оние кои ја создадоа кризата, а тоа се главните финансиски институции. Во капиталистичка економија тоа не смее така да се прави. Во капиталистичкиот систем, кризата ги допира најмогу оние кои се одважиле на ризични вложувања. Но, богаташите и моќниците не го сакаат капиталистичкиот систем. Тие сакаат, кога ќе се најдат во невола, државата да биде во состојба да скокне како дадилка и да ги натера даночните обврзници финансиски да ги извлечат. Тие поседуваат полиси за осигурување кои им ги издала државата, што значи дека, без оглед колку често ќе се одлучат да ризикуваат, кога ќе се најдат во тесно, јавните институции финансиски ќе ги извлечат, затоа што – тие се преголеми за да се дозволи да пропаднат, и така тоа наново и наново се повторува...
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура