X
 07.12.2017 Култура

Ајде да филозофираме: Ноам Чомски


Ноам Чомски
(Фото: Youtube Printscreen)


Еден од најголемите филозофи на денешницата е Ноам Чомски.





Таткото на модерната лингвистика, Ноам Чомски, е клучна интелектуална фигура на левицата во САД. Роден во 1928 година, Чомски се стекнал со докторат од лингвистика на Универзитетот во Пенсилванија. Од 1955 година создал низа револуционерни, контроверзни теории за човечките јазични способности, бил визитинг-професор или лектор на многу други факултети – Колумбија, УКЛА, Принстон, Кембриџ...

Чомски ја воведува трансформациската граматика во полето на лингвистиката: според неговата теорија, јазиците се вродени, а разликите што ги гледаме се резултат од параметрите што се развиле со текот на времето во нашиот мозок, што најдобро е илустрирано кај способноста на малите деца лесно да совладуваат повеќе странски јазици. Едно од најважните достигнувања што му ги припишуваат современиците е неговата хиерархија.

Тоа е хиерархијата на класите на формални граматики кои генерираат формални јазици: формалната граматика дефинира формален јазик, што е структура на низи од знаци кои можат да се изградат со примена на продукциски правила над секвенции од знаци кои иницијално содржат само истакнат почетен незавршен знак. Правилото може да се применува на меѓунизи од знаци со едноставна замена на појавување на знакот на левата страна од продукцијата со знаци што се појавуваат на десната страна. Секвенцијата за примена на правилата ја нарекуваме продукција. Таквата граматика го дефинира формалниот јазик чии зборови се состојат од завршните знаци што можат да се дофатат со примена на продукција на почетниот незавршен знак.

Да споменеме само едно ниво од хиерархијата на Чомски: Граматиката од типот 0 (со неограничени продукции) ги вклучува сите формални граматики. Точно ги генерира сите јазици што ги препознава Тјуринговата машина. Овие јазици се познати и како рекурзивно преброиви јазици.

Чомски во политиката


Војната во Виетнам беше тригерот Чомски да се вклучи и во политичките води. Во февруари 1967 година ја објавува книгата „Одговорноста на интелектуалците“, каде што се згрозува на својата припадност кон оваа групација; во написот од 1977 година, каде што Чомски соработува со Едвард С. Херман, ја испитува веродостојноста на известувањето за злосторствата од режимот на Црвените кмери во Камбоџа и сугерира дека некои извештаи биле класична пропаганда со цел САД да се прикажат „во добро светло“; во 1979 година потпишува петиција за поддршка за слободен говор на Роберт Фарисон, францускиот лектор кој тврдел дека не постоеле гасни комори во Аушвиц; во 2002 година го објавува бестселерот „9/11: Дали постоеше алтернатива?“, каде што пишува за нападот врз САД нарекувајќи ги „водечка терористичка држава“.

Реквием за американскиот сон

Чомски во оваа прва поголема книга зборува за економските основи на животот – кои 10 правила моментално се на сила во концентрацијата на моќта и богатството во Америка: едноставно е, намали ја демократијата, обликувај ја идеологијата, повторно изгради ја економијата, префрли го товарот врз сиромашните и средната класа, нападни ја солидарноста на едно општество, личните интереси нека бидат патоказ, проектирај ги резултатите од изборите, користи ги стравот и силата на државата за да ја маргинализираш популацијата...

„Сите ние имаме избор, дури и во очајните времиња.“

Последната едиција е неговиот есеј од 1967 година „Одговорноста на интелектуалците е да ја говорат вистината и да ги разобличуваат лагите“, кој е актуелен и денес, во 2017 година.


Извор: anagalicblog, декември 2017
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура