X
 11.06.2017 Живот

За едно дамнешно иселување од Кумановскиот крај во Солун

Вршејќи теренски истражувања во Кумановскиот крај во 1971 и 1972 год., познатиот македонски географ и антрополог Јован Трифуноски имал можност и прилика да слушне едно интересно предание за едно дамнешно иселување на населението од Кумановскиот крај во Солун во соседна Грција. Бидејќи преданиата му станале интересни, од постарите луѓе решил да осознае нешто повеќе за нив.  Преданиата се однесуваат за населението од овие кумановски села: Коњух, Колицко и Градиште.
 



Коњух  иако денеска припаѓа на општина Кратово, гледано од гоеграфски аспект и граници, селото се наоѓа во Кумановската област. Селото Коњух некогаш се наоѓало на пониско место од денешното село, во близина на Крива Река, од нејзината лева страна. Таа стара населба се нарекувала Коњух-град. Земјиштето сега го носи името коњушко Градиште. На Градиште се пронајдени остатоци од некогашни градски ѕидини, на поширокиот простор до неодамна имало остатоци од куќи и голем број на стари гробови, земјени ќупови и др. Во подножјето на Градиште се остатоци од камениот мост преку широкото корито на „немирната“ Крива Река. Недалеку се наоѓаат локалитетите Манастириште и Црквиште, исто така има голем број на остатоци од старини. Населбата на локалитетот Градиште, судејќи по положбата, во минатото била доста значајна: се наоѓала на раскрсница на патишта и на премин преку Крива Река. Тука се вкрстувале старите кириџиски патишта. Еден од Кратово спрема Скопје во правец И-З. И другиот од Крива Паланка и Страцин спрема Овче Поле и Велес во правец С-Ј. Споменатите патишта и мостот преку Крива Река покасно изгубиле на значај. Сега не може точно да се утврди кога се тоа случило. Можно е да сообраќајот преку Коњух сосема престанал 1878 год., кога изгубил значење патот Крива Паланка – Ќустендил – Софија.

Традицијата уште наведува дека населението на Коњух-град, после уништувањето на населбата морале сите да се иселат во Солун. Иселувањето е извршено поради тоа што нивната населба ја запалиле некои напаѓачи. Не се знае точно кога се тоа случило. Иселениците од Коњух-град во Солун имале посебна маала која се нарекувала Коњушка маала.  Денешното село Коњух потекнува од првата половина на 19. век.
На место на денешното село  Колицко  постоела стара населба. Таа покасно била раселена. Населението на с. Колицко зборувало за тоа како „нивните дедовци со коли оделе за сол во Солун“ и таму биле љубезно примани од постарите иселеници од оваа село. Тие им зборувале како нивните претци потекнувале од Кумановскиот крај, од селото Колицко. Денешното село Колицко е основано околу 1770 год.
Третото предание се однесува за селото  Градиште.  Околу денешното село Градиште има остатоци од постари населби. Тие локалитети се нарекуваат: Стеже, Селиште, Јастребар и Арбанашко. Споменатото селиште Арбанашко се наоѓа на југозападното подножје на возвишението Градиште. Населението на Градиште немаат спомен за тоа каде населението на тоа село се раселило. Меѓутоа населението на соседното село Габреш слушале  за тоа како населението од Арбанашко преминало во Солун.

Сточарите од Кумановскиот крај во минатото вршеле трговија со своите производите и имале свои тезги во приморските градови на југот на Балканот. Поединците таму оделе со својот добиток. Таму купувале и сол која е многу потребна во сточарството и т.н. Во таквите прилики за време на долгото турско владеење, поединечното население од Кумановскиот крај би можело да се иселуваат и во Солун.  Исто така во Кумановскиот крај се зборувало за тоа како некогаш и чума владеела и правела хаос. Па имало случаеви кога имало многу сушни години, па спалувања на селата од страна на Турците и т.н. Во таквите случаи населението било многу подвижно, бидејќи единствен излез било во иселувањето. Горенаведените податоци укажуваат на тоа дека иселувањето би можело да биде во 18. век.

Исто така интересно е да се напомене како македонското население од Кумановскиот крај се иселувало во Грција, така и од Грција се иселувале и населувале во Кумановскиот крај и градот Куманово.  Па така во Куманово е застапен еден мал број грчки ентитет на население. Грците во Куманово биле доселени уште пред ѕидањето на Старата Црква Св. Никола во 1851 год., бидејќи како кумановски граѓани учествувале во пружање помош за нејзиното градење. Од тие Грци до неодамна заостанале родовите Дувлис,  Зордумис и  Кондакалис И овие, како и другите, кои со текот на времето се иселиле, доселени се од Јанина како анџии, механџии (сопственици на кафеани и гостилници) и пекари. Последните меѓу нив  Гудоси  се иселиле во Скопје во 1942 год.
Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот