X
 23.06.2017 Живот

Местото каде што авионите умираат

Џинови демнеат помеѓу живите огради и низините на Котсволдс. Тие неочекувано се појавуваат од зад дрвјата, демнеат покрај руралните патишта.

1
Фото: Richard Gray

Но, тие не се митски суштества. Всушност, тие се остатоци создадени од нашиот апетит за одмор во странство и нашата желба да посетиме далечни места. Ова поле во Глостершир е всушност местото каде што авионите одат да умрат.

Пет „Jumbo Jet“, два „Boeing 777“ и уште неколку „Airbus А320“ и уште 20 други големи патнички авиони лежат расфрлани низ поранешниот аеродром „RAF“. Некои се групирани, додека другите се сами.

Ова не се гробишта; овие остатоци нема да бидат оставени да 'рѓосаат. Наместо тоа, тие се оние кои ќе ја спасат индустријата која ги канибализира отфрлените авиони.

„Моторите и деловите вредат повеќе ако ги расклопите отколку да се обидите да го продадете цел авион“, вели Марк Григори, основач на „Аir Salvage International“, одговорен за расклопување на оваа колекција од несакани патнички авиони.

2
Фото: Richard Gray

Неговата компанија работи веќе 20 години на аеродромот Котсволдс, приватен аеродром во близина на Кембл кој бил во сопственост на Министерството за одбрана до 1933 година. Помеѓу 50 и 60 патнички авиони годишно тука го завршуваат нивниот последен лет.

Откако авионите ќе стигнат тука, Григори и неговиот тим започнуваат да го растурат авионот. „Околу 80 до 90% од вредноста на авионот се наоѓа во моторот“, вели Григори, поранешен инженер во „Dan Air“. „Откако ќе ги отстраниме,  потоа ќе се обидеме да ги спасиме другите вредни делови на авионот“.

Процесот може да трае околу осум недели за тесен патнички авион како „Boeing 737“ или „Airbus A320“, додека за гигантите како „Boeing 747“ може да трае од осум до петнаесет недели.

Пред да се започне со процесот на размонтирање, авионот мора прво да се исцеди. Горивото, штетната течност за одмрзнување и течноста за хидрауликата се црпат од големите резервоари. Потоа моторите се креваат со помош на кранови пред да се пумпа течност за чување во нив.

2
Фото: Richard Gray

„Ова е процес сличен на балсамирање. Ги пумпаме со течност за чување за да не кородираат нафтата и горивото“, додава тој. Потоа, секој авион се завиткува во пластика, како мумија, додека чека да пронајде нов дом.

Сето ова вреди. Секој мотор од 20 годишен „Boeing 777“ може да достигне околу 3 милиони долари. Овие мотори се во голема побарувачка и често се користат на понови авиони или пак се искористени од некоја авиокомпанија за резервни делови. Другите вредни делови од авионот се опрема за слетување, помошна моќна единица, авионски системи, системот за климатизација и слично.

„До крајот на целиот процес, ни останува само трупот на авионот. Можеме да продаваме делови во училиштата за летови и колеџите за обука; постојат и луѓе кои ги сакаат вратите и седиштата“, вели Григори.

3
Фото: Richard Gray

Доста развиен е пазарот на користени авионски седишта кои помагаат во обуките на стујардесите, а и филмските сетови ги користат за време на снимање на некои филмови. Постојат и луѓе кои сакаат да ги купат. Цената им се движи од 100 долари за економско седиште до илјадници долари за прва класа. Дури и сигурносните појаси може да стигнат до 25 долари.

Авијациската индустрија се соочува со значителен предизвик во врска со тоа како да се справи со своите стари авиони. Во моментот, од 400 до 600 комерцијални авиони секоја година се расклопуваат низ светот. Ова создава планини отпад - околу 30.000 тони алуминуми, 1.800 тони легури, 1.000 тони јаглеродни влакна и 600 тони други делови кои се отстрануваат од стариот авион.

Се чини дека работите ќе се влошат. Според Меѓународната организација на цивилно воздухопловство, дури 18.000 авиони веројатно ќе бидат повлечени од употреба во наредните 13 години.

4
Фото: Howard Timberlake

Григори пронашол доста невообичаен пристап за искористување на што поголем дел од авионот.

„Продаваме делови од авиони во музеи, тематски паркови, училишта за летање, па дури и филмски компании. Ги поддржавме „Star Wars“ со многу парчиња од авионите“, вели тој.

Делови од авионите се најдоа и во филмовите како „World War Z“ и „Batman“ и тв сериите вклучувајќи ги „Doctor Who“ и „Red Dwarf“.

Григори и неговиот персонал често пати откриваат отфрлени и изгубени предмети меѓу седиштата. Во една прилика, пронашле паричник со 600 долари под седиштето на капетанот. Пилотот, кој го изгубил паричникот пред една деценија, бил воодушевен кога му го вратиле.

5
Фото: Richard Gray

„Пронајдовме и пакети, скриени позади панелот. Изгледаа како купишта касети завиткани во ќеса“, вели Григори. Подоцна, излегло дека всушност во ќесата имало 3 килограми кокаин, вреден 385.000 долари.

За сите што изгубиле нешто за време на летот, утешително е тоа што би можело да се најде повторно, дури и ако е мала веројатноста да го пронајде патот назад.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот