X
 26.06.2017 Наука

Ќе можат да се бришат сеќавањата кои ни предизвикувале траума?

Научниците откриле два различни типа на користење на меморијата, сосема различни процеси во истите нерви, а со тоа се отвора пат за ново фармацевтско решение за третирање на анксиозноста и пост-трауматското нарушување.

фото извор: Roland IJdema/Shutterstock

Ова ново откритие му се спротивставува на поранешното истражување според кое сеќавањата на трауматичните настани ги користат истите нерви на ист начин, со што е невозможно физички да се разликуваат. Но, тим на научници од универзитетот Колумбија, анализирале неврони од морски полжав за да ја тестираат хипотезата објаснувајќи зошто сеќавањата од инциденти кои биле лошо искуство, можат да предизвикаат анксиозност.

Невроните градат долготрајни сеќавања преку зајакнување на хемиските мостови наречени синапси кои ги поврзуваат заедно. Искуство кое може да му наштети на организмот, како што е допирање на топла површина или насилство, се трансформира во асоцијативно сеќавање, како што се зајакнуваат конекциите помеѓу невроните. Понекогаш ваквите сеќавања му наштетуваат на организмот, предизвикувајќи анксиозност.

Еден од фокусите на сегашното истражување е да се развијат стратегии за да се елиминираат проблематичните неасоцијативни сеќавања кои можат да останат заклучени во мозокот по лоши искуства, без да се наштети на асоцијативните сеќавања. Научниците зеле пар од нервните сензори на морскиот полжав и ги поврзале со еден моторен неврон. Еден сензорски неврон бил стимулиран на начин на кој претставува силно асоцијативно сеќавање, а друг бил стимулиран за да предизвика неасоцијатвно сеќавање кое произлегува од некаков инцидент. Научниците откриле дека јачината на конекциите кај секоја синапса е резултат на два различни типа на протеин наречен „kinase“. Селективното блокирање на еден од овие протеини, превенирало одредено искуство да се вгради во невронот, виртуелно бришејќи го тоа сеќавање.

Се поставува прашањето дали тоа ќе важи за луѓето? За среќа и 'рбетниците имаат слични верзии на овие протеини во регионот каде што се формираат сеќавањата, па тоа значи дека и нашите мозоци функционираат на сличен начин.

Потребни ќе бидат дополнителни истражувања за да се дојде барем малку поблиску до фармацевтски начин со кој ќе се блокираат трауматски сеќавања, но со овој експеримент направен е еден чекор напред во таа насока. Други неодамнешни студи пак, откриваат дека заборавањето на сеќавањата предизвикани од лоши искуства, може да биде од голема корист на човечкиот мозок со цел сигурно зачувување на други клучни информации.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука