Од први септември дел од администрацијата во земјава ќе работи во две смени, за да им се излезе во пресрет на сите граѓани, а флексибилно работно време ќе има и за државната управа. Ова вчера го соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.
Работното време во овие институции ќе се одвива од 7 до 14:30 часот и од 14 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8 до 16 часот. Конкретно станува збор за Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.
– Ова е една од мерките коишто Владата ќе ги преземе во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе кон намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време - рече Манчевски.
Ќе се воведе и флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот.