Дали е корисно децата да сметаат на прстите? Многу генерации ученици се обесхрабрувани кога станува збор за овој метод на учење.
Фото: Thinkstock
Меѓутоа, последните истражувања покажуваат дека од него всушност има бенефит. Имено, сметањето и броењето со помош на прстите се многу поважен дел од математиката отколку што досега се мислело.
Професорот Тим Џеј од Универзитетот „Шефилд Халам“ и независниот истражувач д-р Џули Бетенсон го потврдуваат она што родителите досега го чувствуваа – дека одредени игри со прстите што децата ги играат во домот се клучни за нивното образование.
Истражувачите работеле со 137 ученици од основни училишта, на возраст од шест и седум години. Сите деца добиле различни комбинации за броење и игри кои подразбирале броење, а на помала група им биле зададени вежби кои вклучувале и користење на прстите. Одредени ученици добиле игри со симболи од броеви, како домино или слични игри.
Визуелните игри со помош на раката подразбирале дека децата покажуваат одреден прст и затоа бројат на прстите од еден до пет, потоа покажуваат на соодветниот прст на другата рака или ги следат обоените линии на одреден прст. Тие ученици покажале подобри резултати на тестовите по математика во споредба со оние што работеле на вообичаен начин со своите наставници. Најдобри резултати покажала групата на која ѝ била зададено да брои со помош на прстите преку игра.
Според она што го кажал професорот Џеј, студијата докажува дека визуелното претставување на прстите е еден вид „мост“ меѓу вербалното, пишаното и симболичкото претставување на броевите.
„Комбинирањето на вежбите со прстите и игрите со броеви може да им помогне на децата подобро да го разберат светот на
броевите и нивните односи“, вели професорот Џеј.