Учениците доживуваат бес и очај поради „математичката анксиозност“ со која се соочуваат. Некои од нив плачат, а други не можат да дишат, покажуваат новите истражувања.
Математичката анксиозност е негативна емоционална реакција на овој предмет - оваа анксиозност предизвикува страв, физичко страдање и проблеми во однесувањето кај учениците, покажува истражувањето спроведено од Универзитетот „Кембриџ“.
Училиштата треба да го третираат проблемот со вистинска загриженост бидејќи учениците од основно и средно образование што страдаат од овој вид анксиозност може да паднат во „маѓепсан круг“ на слаби резултати.
Истражувањето, во кое учествувале 1.700 ученици од Британија, заедно со 1.000 ученици од Италија, покажува дека притисокот од родителите и збунувачките методи на наставата може да придонесат за развивање анксиозност кај едно дете.
Учениците во Велика Британија нагласија дека математиката е потешка од кој било друг предмет и доведува до недостиг на самодоверба или целосно губење на самодовербата. Други чести предизвикувачи за анксиозност се лошите оценки, задевањето од соучениците и притисокот од тестовите.
Преминот од основно во средно училиште исто така се смета за особено тежок период кога учениците изјавиле дека се бореле да се справат со потешката работа и зголемените домашни задачи.
Друг извештај од 2014 година покажа дека речиси четири од пет возрасни лица во Велика Британија имаат лоши математички вештини во споредба со помалку од половина луѓе во Велика Британија кои имаат ниски нивоа на функционална писменост.
- Нашите наоди треба да бидат вистинска грижа за наставниците. Треба да се справиме со проблемот на
математичка анксиозност за да им овозможиме на овие млади луѓе да престанат да се чувствуваат вознемирено во врска со учењето математика и да им дадеме можност да напредуваат. Ако можеме да го подобриме искуството на ученикот во рамките на нивните часови по математика, тогаш можеме да помогнеме да се намали математичката анксиозност - вели д-р Денес Шукс, коавтор на истражувањето.