X
 05.02.2020 Образование

Финска е единствена земја чиј главен фокус во образованието е благосостојбата на учениците

Додека остатокот од светот дискутира за бројот на часови што децата треба да ги поминат на училиште, Финска ги елиминира задолжителните тестови и системите за оценување на учениците. И покрај тоа, таа и понатаму останува на врвот на глобалната ранг-листа за образование.

Како Финска успева во сето тоа?

- Она на што се фокусираме е дека сите имаат способност да преживеат во светот. Што и да дојде во однос на методите за учење и алатките за настава, целта е да се реализира визијата - вели Ана Корпи, советник за образование и наука во Амбасадата на Финска во Сингапур.

Благосостојбата на прво место


Образовниот систем на Финска е дизајниран да ја стави благосостојбата на учениците на прво место. Во рамките на ова менталното здравје е клучен фокус.

- Треба да се осигуриме дека луѓето се развиваат како целина, и дека се среќни. Ова е особено важно во раните години, овој предуслов за учење мора да биде присутен пред да навлеземе во подлабока академска содржина - вели таа.

Затоа, почетната точка за дизајнирање на наставната програма не е што или колку ќе се предава, туку дали децата внимателно ќе слушаат и дали ќе бидат заинтересирани за светот околу нив.

- Сметаме дека ваквиот начин на учење е важен - вели Корпи.

Финска им помага на децата да ја увидат важноста на лекциите со тоа што им овозможува да учат за феномените околу нив наместо да ги делат часовите според предмети.

- Поприродно е учениците да гледаат на светот како на голем концепт наместо да го гледаат како физика, математика или јазик - објаснува Корпи.

Обезбедувањето ментална благосостојба на учениците не е поврзано само со преформулирањето на начинот на кој учат; поврзано е и со заштита на средината за учење. Финска спроведува национална политика против булингот во училиштата - проблем што денес многу строго се решава.

Финска е решена да се справи со нееднаквоста бидејќи таа честопати е поврзана со булингот и менталното здравје. Училишниот систем на земјата ја предизвикува идејата дека децата од загрозено семејство ќе бидат помалку успешни.

- Имаме систем што се обидува да ги доведе сите на едно добро ниво, без оглед на социјалното потекло - вели Корпи.

obrazovanie
Фото: Pixabay

Опремување и подготвување на наставниците


Финските наставници имаат високо ниво на автономија во училницата и можат да ги приспособат своите наставни содржини и методи за да одговараат на темпото на учење на децата.

- Ако имате 20 ученици, имате 20 различни начини на учење - вели Корпи.

Овој флексибилен пристап кон учење насочен кон учениците бара многу вештини од наставниците за да можат да ги задоволат потребите на секој ученик. Програмите за образование на наставниците во земјата ги обучуваат наставниците да станат „тренери“ за учење.

- Улогата на наставникот не е само да пренесува информации или да пренесе знаење - објаснува Корпи.

Наставниците се обучени за развојна психологија и начинот на кој децата учат, така што тие можат да го следат напредокот на учениците на дневна основа. Потоа, тие можат да им посветат поголемо внимание на учениците што имаат тешкотии. Ова ѝ овозможи на Финска да се откаже од задолжителните стандардизирани тестови за да се следи напредокот на учениците.

Образованието исто така им дава моќ на наставниците да ги вклучат своите „очила за истражувачите“ додека предаваат и постојано анализираат дали нивните методи се ефикасни. Тие се охрабрени да експериментираат со „мали иновации“. Потоа, наставниците можат да ги споделат своите успеси и предизвици со другите наставници на отворените фејсбук-групи.

- Во образованието на наставниците не постои начин да ги опремиме сите за тие во период од пет или шест години да бидат совршени. Откако ќе дипломираат, тие продолжуваат да учат и постојано ја развиваат своја работа - вели Корпи.

Технологијата во училницата


Додека училиштата во другите делови на светот ја поздравија вештачката интелигенција во наставниот план, Финска внимателно ја користи технологијата во училницата.

- Ние нема да го замениме наставникот со роботи - вели Корпи.

Сепак, Финска признава дека постои потенцијал за користење на технологијата за создавање различно искуство во учењето. На пример, програмата за игри по математика може да им овозможи на наставниците да им дадат поедноставни задачи на учениците што имаат тешкотии во учењето и потешки задачи на оние што веќе го сфатиле концептот.

Училиштата во Финска веќе работат со образовно-технолошки компании за да создадат програми за предавање. Важно е да се вклучи перспективата на наставникот наместо да се користи нешто што инженерите или гејмерите го создале независно.

Доживотно учење

За Финска е познато доживотното учење. Постои широк спектар на курсеви за луѓето што сакаат да бидат во тек.

Но, потребна е подлабока промена во тековниот пристап кон доживотното учење. Променливиот економски пејзаж на Финска што го искусиле некои индустрии, како што е секторот за производство на хартија, поминуваат низ големи реконструкции. Ова доведе до тоа дел од населението што било обучено за специфични вештини да остане невработено.

- Истовремено имаме невработеност и недостиг на работна сила во различни сектори. Потребно е брзо и флексибилно да ги пренасочиме деловите од населението во сосема нова индустрија. Еден начин за изедначување на ваквите транзиции е компаниите да бидат повеќе вклучени во вежбите за стекнување вештини за нивниот персонал. На пример, преку поставување агенди за обука со образовни организации и субвенционирање на обука на вработените - објаснува Корпи.

Финска покажа дека ангажираните студенти и овластените наставници се повеќе од фантазија. Нивниот пристап е цврсто заснован во нивното гледиште за образованието, дека доживотното образование е дел од нашиот живот, а не само за тестовите. Акцентот на благосостојбата на учениците и опремувањето на наставниците со соодветни вештини покажуваат нешто од кое цел свет треба да научи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование