X
 12.07.2017 Култура

Како овие случувања ќе го променеле светот на филмот?

film

Постојаниот напредок на технологијата има влијание врз начинот на создавање филмови и отвора нови полиња и можности, додека, од друга страна, креативните автори бараат нови приказни кои можат да се раскажат со тие средства. Поради тоа, филмската индустрија доживува значајни промени на секои десет години.

На секој филмофил му се познати сите тие етапи и нови бранови, но постојат и случувања од друг вид, чии учесници или имале намера да направат нешто големо или не ни биле свесни дека имаат потенцијално златна можност, па не ја искористиле докрај, така што иднината на филмот отишла во друга насока.

Доколку случаите во продолжение би биле спроведени докрај, би ја промениле филмската индустрија на многу начини.

1. Како Томас Едисон влијаел врз создавањето на Холивуд?

1

Доаѓа новиот 20 век и со него нови играчки, а филмот е една од нив.

Томас Едисон, иако не застанал зад првата филмска камера, застанал зад првиот кинематограф и ги создал повеќето патенти поврзани со производството и прикажувањето на филмот.

Бидејќи сè поголем број луѓе станувале заинтересирани за филмот и филмовите од Европа почнале да се прикажуваат во Америка, Едисон во нив видел само прилив на пари кои не одат во неговиот џеб.

По негова иницијатива била лансирана „МРРС“ (патентна компанија за подвижни слики) која во 1908 година ги собрала сите главни американски филмски компании, американски и европски дистрибутери и производителот на филмски ленти „Естман Кодак“. Бидејќи со патентот се држел секој дел од процесот, од производство до прикажување на филмот, ситуацијата била таква што доколку нешто не му се допаѓало на Едисон, немало да се снима ништо.

Сето тоа било одржувано со многу сомнителни работи, мобинг, уцени, така што резултирало со масовно селење на помалите филмски компании и на авторите на Западниот брег за да избегаат од Едисон.

На местото каде што се населиле бил создаден Холивуд.

Така, ароганцијата на група луѓе и креативната желба да се изразат на кој било начин довеле до создавање на Холивуд каков што го знаеме денес. MPPС била затворена десет години по нејзиното основање, главно поради овие причини, но што би се случило ако преселувањето не било толку масовно и ако оваа компанија останела активна?

2. „Dune“ на Алехандро Ходоровски

dune

Приказната за овој неуспешен проект сега веќе може да се смета легенда. Авторите, како Роџер Корман, пронашле дупка во системот каде што научната фантастика и другите „high concept“ идеи може да бидат добар извор на заработка, додека традиционалниот Холивуд таквите филмови ги потценува.

Така било сè до „Space Odyssey“, кој му дава поголем легитимитет на жанрот што главно бил омаловажуван.

Во тој момент младиот авангарден театарски режисер од Мексико, по неговите два филма, од кои „The Holy Mountain“ имал огромен успех, во раните 70-ти добил понуда да режира каков  сака филм.

Ходоровски сака да направи филмска адаптација од „Dune“ во филм кој би ја променил свеста на гледачите и би предизвикал ефект на LSD.

Филмот требало да биде врв во секој аспект, почетокот требало да биде долг кадар на поминување низ галаксијата кој би го надминал и почетокот на филмот „Touch of evil“.

Секоја од планетите во филмот би имала музика компонирана од музичка група, од која најмногу се истакнува „Пинк Флојд“.

Салвадор Дали, Орсон Велс, Мик Џегер и Дејвид Карадин требало да бидат дел од филмот.

Сето ова, и многу повеќе ќе било дел од филмската авантура што требало да трае повеќе од петнаесет часа.

Иако постојат многу легендарни филмови што не се реализирале, работата е во тоа што иако зборуваме за потенцијално одлични филмови кои не се случиле, овие филмови немаше да ја променат формата на изгледот, не би го промениле трендот, ниту жанрот.

Секако дека психоделичен филм од петнаесет часа не би бил изводлив ни тогаш ни сега, ниту пак поднослив за гледање,  меѓутоа, сигурно „Dune“ на многу начини би влијаел врз жанрот на научната фантастика и на модерниот блокбастер.

3. Улогата на медиумите во перцепцијата на „Heavens Gate“

film

60-тите и 80-тите биле години во кои преовладувал нов начин на мислење за филмовите. Златната доба на Холивуд го доживеа својот крах, а се покажало дека филмските ѕвезди не претставуваат гарант за заработка.

Ова го отвори просторот за нови, млади и образовани автори, за своето знаење за европските филмови да го поврзат со својот сензибилитет и да започнат нов Холивуд. Како што дошла ерата на Реган во американската политика и економија, така дошол и крајот на новиот Холивуд, а филмот кој сите го обвинувале за неуспехот на новиот Холивуд е „Heaven's gate“ на режисерот Мајк Чимино.

Чимино имал успех со две филмски сценарија („Silent running“ и „Magnum force“) кои биле успешно реализирани. Во тој момент, „United Artists“ му дал слобода да направи каков сака филм, шанса која ја искористил. Сакал да направи вестерн над вестерните, филм за Западот каков што бил и да се запише себеси меѓу великаните што создаваат филмови „поголеми од животот“. Но, ваквите филмови чинат многу пари.

Во тоа време бил еден од најскапите филмови, со буџет од 44 милиони долари. Добрата заработка би ги спасила и студиото и кариерата на Чимни, но филмот заработил едвај 3,6 милиони долари.

Иако Чимни бил еден од најпопуларните режисери во Холивуд, премиерата на филмот била дочекана со критики поради еден таблоиден натпис.

Лес Гапеј бил хонорарен новинар кој сакал интервју со режисерот, но не го добил. Наместо тоа, се пријавил да работи како статист во филмот, за што бил платен 30 долари. Гапеј почнал да шири приказни за режисерот, дека бил надвор од контрола, дека за време на филмот биле измачувани животни, дека имало беспотребно повторување на сцени поради каприците за совршенство на режисерот...

Така, наместо да се зборува за ново ремек-дело на наградуваниот режисер, медиумите за брзо време создале ужасна атмосфера за филмот.

Иако на прв поглед не изгледа така, овој филм променил многу работи. Да не се појавела статијата на Гапеј, прашање е какви денес би биле законите за користење животни за потребите на филмот. Во филмот на Чимни може да се види коњ кој е разнесен со динамит, што денес е нешто што никој не би се ни осмелил да го направи.

Не е само работата во подобрувањето на третманот на животните при снимањето, туку промената е и улогата на медиумите. Покрај тоа, со овој филм завршил и вестерн-жанрот.

4. Нереализираниот филм на Алфред Хичкок

4

Со „Psycho“, Хичкок направил една од најголемите промени во рамките на жанрот. Овој филм бил важен поради многу работи, но една од најважните е тоа што овој филм покажа дека хоророт не доаѓа од друга планета, а тоа не се ни чудовишта ни монструми.

После „Psycho“ луѓето станале чудовишта. Нашите соседи, пријатели, семејства.

Хичкок сакал да ја премести границата на насилството кое може да се прикаже на екранот, но филмот да изгледа природно. Доколку би бил снимен ваков филм, тој би бил еден од најнасилните на сите времиња. Во неговите филмови најважниот момент е точката на гледиште („point of view“), поради што често се враќал на темите за воајеризмот и тоа имало влијание врз начинот на кој ги создавал сцените.

Со овој филм тој сакал да ги помести овие граници и да дојде до нешто што денес е познато како „found footagе“ жанр. Сакал огромно ниво на автентичност. Биле снимени тестови со актери на реални локации и филмот требало да биде од нискобуџетна природа.

Што го спречило? Токму самата идеја - премногу насилна за своето време. Ваквиот насилен филм не би бил добро прифатен.

Да се реализирал филмот и да имал успех, цела револуција која се случила со филмовите како „The Texas Chainsaw Massacre“ и „Halloween“ не само што би се поместила една деценија порано туку и „point of view“ би се користел на многу покреативни начини.

5. Револуцијата на монтажата на филмовите на Копола

копола

Френсис Форд Копола, најуспешниот режисер во 70-тите („The Conversation“, „Apocalipse Now“, „The Godfather“), на чуден начин го дочекал новиот милениум.

Компромисот за него била позната работа, дури и тогаш кога бил најпознат, но компромисите станувале поголеми. За да можел да ги снима филмовите што сакал да ги снима, морал да ги сними „The Godfather III“ и „Jack“. Два филма што му ја оштетиле кариерата.

Иако „Dracula“ и „The Rainmaker“ биле добри и добиле позитивна критика, Копола никогаш не успеал да закрепне.

Гледајќи како композиторите работат со музиката, тој сакал да ја воведе практиката филмот да се монтира во живо. Тој сакал додека публиката го гледа филмот, во живо, секојпат одново и одново да го монтира филмот, и врз основа на нивните реакции да ја формира приказната на таков начин што публиката ќе добие подобро искуство и така со секоја проекција да прави нов филм.

Оваа идеја делумно ја имплементирал во својот филм „Twixt“. За почеток, филмот бил многу лош. Очигледен е ограничениот буџет, иако ова делумно не е проблемот. Проблемот е самата содржина на филмот. Филмот имал повеќе наративни линии. Во оној момент кога Копола сфатил дека тоа што го замислил нема да може да го реализира, го монтирал филмот на класичен начин и го пуштил во помала дистрибуција.

Доколку идејата била реализирана докрај, можеби и би настанала некаква промена, бидејќи таквиот пристап на филмот би им го овозможил на луѓето она што никогаш не би можеле да го имаат дома.

Меѓутоа, факт е дека идејата тешко би се реализирала. Диригентот, кога оди на концерт, не оди без ноти, па на самото место да замислува што ќе диригира, а музичарите што ги свират инструментите ги имаат нотите пред себе.

Филмот не може да ја добие својата најдобра форма. Тој дел од приказната Копола не го зел предвид, но секако идејата е интересна. Останува надежта дека еден ден вакво нешто ќе успее да се спроведе на дело.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура