X
 12.07.2017 Култура

Овој рај на земјата наскоро може да исчезне!


Егзотична плажа со палми
(Фото: Thinkstock)

Ако сè уште постои некој што искрено не верува во фактот дека климатските промени молскавично го уништуваат животот на нашата единствена планета, би требало да посети некоја од океанските нации што полека исчезнуваат. Си-ен-ен одлучи да направи своја репортажа за Сејшелите, држава сметстена „наспроти“ Сомалија во Индискиот Океан, која со своите 92.000 жители едвај преживува на 459  квадратни километри на 115 острови кои исчезнуваат поради покачувањето на морското ниво.

Уште во 1998 година Сејшелите беа погодени од Ел Нињо, кој предизвика загревање на површинскиот слој на морето, поради што исчезнаа 90 проценти од коралите во тој архипелаг. Потоа следуваа поплави кои ги уништија рибарството и земјоделството на државата, стопански гранки на кои почива поголемиот дел од нејзината економија. Ел Нињо повторно удри врз Сејшелите во 2016 година, по што површината на земјата под коралните гребени се намали од 50 на само 5 проценти!

Уште во 2007 година рекордната плима навлезе на копното дури 50 метри подлабоко од кога било во историјата на земјата. А тој настан се случил пред 10 години. „На сите што сè уште се сомневаат во климатските промени можеме да им ги покажеме фотографиите на кои се гледа како денес изгледаат работите во споредба со претходно. Имаме застрашувачка ерозија на брегот. Имаме поплави какви што не се паметат, имаме високи температури како никогаш досега“, вели за Си-ен-ен, Лиза Лапорте Бојсе, сопственичка на пансион на Сејшелите, поточно на југоисточниот дел од островот Махео. „Порано точно знаевме кога ќе започне сезоната на дождови. Сега имаме суши како никогаш претходно“, додава таа.

ММФ во 2010 година ги потенцира Сејшелите како место со најстрашна суша од памтивек. А во јануари 2013 година силните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето во Поинт Ау Села. Уништувачките плими ги уништија патиштата и другата инфраструктура.

И додека голем дел од моќниот индустриски свет се колеба околу мерките за префрлување на енергенти што нема да ја загадуваат околината со јаглероден диоксид и други стакленички гасови, жителите се принудени со голи раце да градат бариери од карпи во обид да го спречат морето да им ги однесе плажите. Затоа и коралните гребени им се од животна важност и прашање на преживување. И тоа не е проблем само на Сејшелите. Со истиот проблем се соочува и Австралија.

Прво што им се случува на коралите е температурниот удар од сè потоплата површина на морските води, што предизвикува исчезнување на алгата zooxanthellae, која опфаќа 90 проценти од храната за живите суштества на коралните гребени. Затоа коралите остануваат оголени, избелени, без храна, па почнуваат да изумираат, а гребенот станува неотпорен на ударите од брановите, плимите и други штетни последици од океаните.

Следниот удар доаѓа поради ацидификацијата на океаните, односно зголемено ниво на киселост на водите. Откако човештвото стана свесно дека испуштањето на јаглеродниот диоксид во атмосферата ја загрева планетата, научниците почнаа да предупредуваат на уште еден страшен ефект – океаните ги впиваат и топлината и стакленичките гасови. Речиси 560 милијарди тони јаглероден диоксид во последните 250 години „завршиле“ во океаните, претворајќи се во јаглеродна киселина!

Денес нивото на киселост на океаните е за 30 проценти повисоко во споредба со времето пред индустрискиот напредок на човештвото, а тоа значи дека целиот жив свет во океаните страда поради недостиг од калциум, кој им е клучен за апсорпција на храна. Нивното масовно изумирање, пак, предизвикува зголемување на седиментите во океаните.

Затоа и цунамито што ги погоди Сејшелите во 2004 година ги прекри со седименти коралните гребени, кои останаа без кислород, па почнаа да изумираат. Тоа предизвика и нова можност за зголемени катастрофални плими... и така во круг.

Кога на сето ова ќе се додаде и топењето на „вечниот мраз“ на Земјините полови, кое ќе предизвика зголемување на морското ниво, станува јасно дека океанските нации први ќе бидат на удар и нивното опстојување сериозно е загрозено од катастрофални последици кои носат глад, жед, болести и природни катастрофи, но и губење на својата територија како последица на климатските промени.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура