X
 13.07.2017 Технологија

Најголемите светски веб-страници се обединуваат за да ја зачуваат интернет-неутралноста

Компаниите „Фејсбук“, „Гугл“, „Нетфликс“ и уште многу други се дел од новата кампања за спречување на она што тие го нарекуваат закана за интернетот.


Во спорот има низа федерални регулации со кои се тврди дека интернет-провајдерите не треба да ги забавуваат, блокираат или да им наплаќаат дополнителни трошоци на веб-страниците. Федералната комисија за комуникација ги разгледува овие таканаречени правила за интернет-неутралност и размислува како да ги укине. Некои интернет-активисти сметаат дека со укинувањето на правилата ќе им се даде преголема моќ на интернет-провајдерите за да одлучуваат што можат, а што не можат да гледаат онлајн-корисниците и за која цена. За да се стави крај на тоа, се здружиле со голем број интернет-компании и апликации за да се спротивстават на одлуките на Федералната комисија за комуникација.

Зависи од секоја веб-страница индивидуално на кој начин ќе се приклучи на кампањата и какви мерки ќе преземе. Голем број од нив ќе испраќаат пораки до своите корисници за да ги информираат за кампањата и за интернет-неутралноста.

Интернет-неутралноста подразбира фер однесување на интернет од страна на компаниите и интернет-провајдерите кон корисниците. Некои интернет-провајдери се согласуваат со правилата, но генерално во индустријата се дебатира околу тоа дали овие правила спречуваат пронаоѓање на нови начини за заработка. Правилата го спречуваат развојот на нови бизнис-модели кои дозволуваат приспособување на пазарот, велат аналитичарите. Други, пак, сметаат дека правилата треба да бидат заменети со Конгресна легислатива која доделува неутралност.

Федералната комисија за комуникација во моментов ги прифаќа јавните коментари и ќе донесе одлука на половината од август. Потоа ќе развијат финална верзија и ќе се стави на гласање. Одлуката ќе биде официјална кога ќе стигне до Федералниот регистар.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија